[ВИДЕО] „Каков губитник од сопруг“: Видео од бејзбол натпревар разгневи 80 милиони луѓе

Точка

25/09/2026

14:56

1.312

Големина на фонт

а а а

Снимка од бејзбол натпревар одигран овој вторник во Сан Франциско предизвика бројни реакции на интернет. На неа се гледа мајка која се обидува истовремено да се грижи за бебето и да носи храна, додека нејзиниот партнер седи и јаде.

Најмногу внимание привлече реакцијата на спортските коментатори кои за време на директниот пренос ја коментираа сцената и отворено го критикуваа однесувањето на мажот.

Сцената од трибините

Сè се случило во „Oracle Park“ за време на натпреварот меѓу „San Francisco Giants“ и „Minnesota Twins“. Во еден момент камерите прикажале жена која со бебе приврзано за градите и неколку садови со храна се обидувала да стигне до своето место на трибините.

„Човече, Мајк! Погледни го ова!“, извикал коментаторот Дуeјн Кајпер. Неговиот колега Мајк Круков додал: „Ако некогаш ви затреба вистинска дефиниција за мајка која прави сто работи истовремено, тогаш ова е токму тоа“. Додека жената се обидувала да се смести, Круков се пошегувал и ја нарекол „олимписка победничка“.

Кога стигнала до својот ред, се појавила нова пречка. Рацете ѝ биле полни, па не можела да го спушти преклопното седиште. По неколку обиди, мажот што седел покрај неа, за кого се претпоставува дека ѝ е партнер, ѝ помогнал да го отвори седиштето.

Во тој момент Кајпер иронично коментирал: „Дали јас тоа штотуку го слушнав типот како прашува: ’Дали нешто заборави?‘“.

Коментаторите продолжиле да ја прозиваат ситуацијата

Иако преносот накратко се вратил на теренот, коментаторите продолжиле да зборуваат за сцената од трибините. „Погледнете го тато, да... ‘Дали го донесе кечапот?‘“, рекол Круков, додека Кајпер на шега го имитирал мажот: „Знаеш ли за оние малите кесички? Сигурен сум дека ти се во џебот“.

Кога камерата повторно го прикажала семејството, се видело дека мажот веќе јаде, додека жената сè уште го држи бебето и своите затворени садови со храна. По кратка тишина и непријатно смеење, Круков ја нарекол „мајка на годината“. Потоа Кајпер ја изговорил реченицата што се проширила на социјалните мрежи: „Ма, ајде, се шегувате? И таа на крајот ќе јаде последна...“.

Коментаторите за време на преносот уште неколкупати се навратиле на ситуацијата, па се пошегувале дека мажот веројатно се жали како му се изладиле хамбургерот и помфритот. Кога камерата по третпат го прикажала семејството, Кајпер се пошегувал дека жената веројатно му вели на лицето покрај неа: „Ќе му залепам една право меѓу нос!“.

Целата ситуација ја заклучил со зборовите: „Секоја чест“.

80 милиони прегледи и расправа на мрежите

Снимката набрзо стана вирална и собра повеќе од 80 милиони прегледи на платформите „Instagram“, „Threads“, „TikTok“ и „X“. Објавата на спортскиот канал „ESPN“ на „Instagram“ е прегледана повеќе од 33 милиони пати, а голем број прегледи забележале и други објави.

Сцената покренала расправа за поделбата на обврските во родителството. На „Threads“ некои корисници го бранеле мажот со објаснување дека луѓето понекогаш не забележуваат што се случува околу нив сè додека директно не им се каже што треба да направат. Други истакнале дека партнерите треба сами да забележат кога на другата личност ѝ е потребна помош, особено во ситуации како оваа.


„Каков губитник од сопруг“

Бројни коментари на социјалните мрежи ја продолжиле расправата по преносот. Една корисничка напишала: „Не можете да го држите детето додека вашата сопруга оди по храна? Сериозно?“.

Друга се надоврзала: „Фактот што таа отишла да земе храна за детето... ме остава без зборови“. Еден корисник коментирал: „Најлошиот дел за мене е начинот на кој тој ја зема храната и почнува да јаде додека мајката не може ни да се помрдне бидејќи детето ѝ е во скут. Нејзината храна ќе се излади додека тој ’не ѝ дозволи‘ да јаде“.

Имало и такви кои го критикувале целокупниот впечаток од ситуацијата. „Каков губитник од сопруг“, напишала една коментаторка, додека друга додала: „Има толку многу вознемирувачки моменти во ова видео“.

Сепак, некои предупредиле дека од кратката снимка не може да се знае целата приказна. „Можеби отишла да му ја смени пелената на детето или нешто друго, не ја знаеме целата приказна“, напишал еден корисник. Сепак, многумина се согласиле дека најмалку што можел да направи мажот било да го земе детето за неговата партнерка да може да седне и да го изеде својот оброк.