Неверојатна снимка од рак „вооружен“ со сечило привлече големо внимание на социјалните мрежи и во медиумите, а истовремено предизвика и полемика околу тоа дали е автентична или е направена со помош на вештачка интелигенција (АИ).
На виралната снимка се гледа суштество со сечило во клештите, кое се обидува да „нападне“ жител на Флорида и неговото домашно милениче.
„Напаѓач“ во дворот на куќата
Едуардо Алварез го објавил неверојатното видео со коментар: „На Флорида сè излезе од контрола“.
На почетокот, неговото куче Самер душка низ дворот, а неколку моменти подоцна се појавува необичниот „напаѓач“, кој во клештите држи сечило и замавнува со него кон малото куче.
Алварез му притрчува на помош на своето милениче, но на почетокот не му е лесно да го „совлада“ борбено настроениот рак, пренесува „New York Post“.
„Самер, каде, по ѓаволите, најде рак со нож?!“, извикал Алварез.

По неколку неуспешни обиди, успева да го зграпчи и да го однесе во својот двор.
„Самер, не ти препорачувам да се закачаш со овој“, го предупредил своето милениче, а потоа низ смеа додал: „Ова е гангстер“.

Се верува дека станува збор за син копнен рак („Cardisoma guanhumi“), кој може да се сретне на Флорида. Овој вид има распон на нозете до 30 сантиметри, а просечната тежина на возрасна единка изнесува околу половина килограм.
„Не знам што е поневеројатно“
Сечилото што ракот го држи во клештите изгледа како дел од џебен нож, иако не е познато како воопшто дошол до него.
Снимката предизвика бура на интернет. Откако е објавена, прегледана е повеќе од 20 милиони пати, а корисниците се обидуваат да објаснат како воопшто е можна оваа необична сцена.

„Не знам што е поневеројатно – ракот со нож или тоа што едноставно го крена како да е најнормална работа“, напишал еден корисник.
Друг, алудирајќи на стереотипите за Флорида, духовито коментирал: „Знаеш дека е Флорида штом го крена со насмевка“.
Имало и такви кои се посомневале во автентичноста на снимката и го поставиле прашањето дали можеби е направена со помош на АИ.
Сепак, ова не е првпат рак да биде снимен како држи нож во клештите. Сличен случај бил забележан во 2022 година, кога Кајл Кинг за време на кампување во Јапонија забележал џиновски кокосов рак („Birgus latro“) „вооружен“ со кујнски нож.















