[ФОТО] Има 91 година и штотуку собори рекорд: Воен ветеран помина патека долга неверојатни 3.500 километри

Точка

24/09/2026

17:43

403

Големина на фонт

а а а

Дејл „Седата Брада“ Сандерс повторно влезе во историјата како најстарата личност која ја поминала целата Апалачка патека во САД.

Легендарниот Дејл „Седата Брада“ Сандерс собори несекојдневен светски рекорд и на 91 година стана најстарата личност која некогаш ја поминала познатата Апалачка патека! Иако трпел силни болки непосредно пред самиот врв, овој неуништлив дедо не се откажал.


Пензионираниот воен ветеран на американската морнарица веќе го држел овој рекорд кога првпат го поставил на 82-годишна возраст. Меѓутоа, откако друг планинар во 2021 година ја презел титулата на 83-годишна возраст, Сандерс решил да се врати на патеката и повторно да го преземе својот престол.

Драма на патеката: Паднал на карпите пред самиот врв

Неговиот подвиг траел со месеци, а целата патека ја совладал во делови – пешачел шест месеци, зимата ја поминал дома со сопругата, а потоа се вратил за да го заврши започнатото.

Најдраматичниот момент се случил на самиот крај од подвигот, за време на искачувањето на планината Катадин. На околу 300 метри од самиот врв, Сандерс се сопнал и паднал врз остри карпи.


Почувствувал неподнослива болка во десната бутина и коленото, па останал да лежи целосно неподвижен.

„Беше страшно. Лежев на карпите, не можев ниту нагоре ниту надолу“, се присетил Сандерс на тој драматичен момент.

Сепак, волјата била посилна од болката. По половина час одмор на карпите, болката се намалила, а овој неуништлив 91-годишник станал и успешно стигнал до самиот врв на 31 август.


Живот исполнет со екстремни авантури

Сандерс, кој сега живее во Тенеси, истакнува дека својата несекојдневна форма ја должи на активниот начин на живот во текот на целиот живот. Во текот на кариерата поминал 37 години во воена служба, а се занимавал и со подводен риболов и натпреварувачко нуркање.

Ова не е неговиот единствен неверојатен рекорд во биографијата:

• На 80 години со кану ја поминал целата река Мисисипи за 80 дена.

• На 87 години влегол во Гинисовата книга на рекорди како најстарата личност која пеш го поминала Кањонот Колорадо од едната до другата страна и назад.


„Сè уште не сум завршил!“

Иако длабоко навлегол во десеттата деценија од животот, Сандерс порачува дека нема намера да се пензионира кога станува збор за авантурите. Неговиот следен план е нуркање со риби во аквариумот во Атланта, а планира и да го собори сопствениот рекорд во Кањонот Колорадо на 91-годишна возраст.