Истражувачите во бразилска Амазонија открија нов вид ситна риба со впечатлива портокалова боја, но нејзината иднина веќе е неизвесна. „Laimosemion laranja“ е пронајдена во само три мали шумски живеалишта, кои се загрозени од сечење на шумите, рударство, урбанизација и загадување.
Долга е помалку од три сантиметри, ја красат впечатливи портокалови шари, а научниците ја пронашле на само три локации во бразилска Амазонија. Новиот вид „Laimosemion laranja“ веќе се соочува со сериозни закани поради уништувањето на неговото живеалиште.
Ја откриле бразилски научници од Федералниот универзитет Рио Гранде до Норте, Федералниот универзитет Пара и Универзитетот на Западна Флорида, за време на теренско истражување во сливот на реката Кајари, во јужната сојузна држава Амапа.
„Тоа беше неочекуван момент“, вели Јури Абрантес, водач на истражувачката група. „На почетокот најмногу ни го привлекоа вниманието импресивните бои на мажјаците и женките, кои се разликуваа од сè што претходно сме сретнале. Тоа го разбуди нашето восхитување, но и голема љубопитност.“

Истражувачите го опишаа новиот вид откриен во мрежа од шумски потоци во бразилска Амазонија и веќе препорачаа тој да биде вклучен во категоријата загрозени видови поради притисоците на кои е изложено неговото единствено досега познато живеалиште.
Рибата, наречена „Laimosemion laranja“, припаѓа на групата риби познати како килифиш („killifish“) и е долга помалку од три сантиметри. Мажјаците имаат впечатливи шари, со низи од портокалови точки долж предната половина од телото и изразени портокалови ленти кон опашката, на светлосивата странична страна на телото.
„Развиваме истражувачки проект чија цел е проучување на еволуцијата на стратегиите на животниот циклус кај слатководните риби од семејството „Rivulidae“ во различни делови на Бразил“, вели Јури Абрантес. „За време на земањето примероци во малите реки во областа Кајари во сојузната држава Амапа, ја пронајдовме оваа риба со мошне впечатлива боја, која веднаш ни го привлече вниманието.“

За да потврдат дека станува збор за нов вид за науката, истражувачите детално ги споредиле пропорциите на телото, крлушките и карактеристиките на скелетот со нејзините најблиски сродници, а била направена и анализа на митохондријалната ДНК.
Откако генетската анализа потврдила дека станува збор за единствен вид, Абрантес изјави: „Тоа беше нешто посебно бидејќи видовме можност да придонесеме за зголемување на знаењето за биодиверзитетот на Амазонија и да го привлечеме вниманието кон зачувувањето на областите кои сè уште се слабо истражени, но се многу загрозени.“
Името на видот „laranja“ на португалски означува и портокалова боја и овошјето портокал, што претставува соодветна асоцијација на живописните шари на мажјаците. Името, исто така, ѝ оддава почит на општината Ларанжал до Жари во сојузната држава Амапа, каде што е пронајдена рибата. „Сакавме да избереме име што ќе ја нагласи карактеристиката на самата риба, но и ќе поттикне чувство на поврзаност со луѓето од крајот во кој е откриена“, објасни Абрантес.

„Laimosemion laranja“ припаѓа на групата амазонски килифиш риби, од кои некои развиле необична стратегија за преживување: нивните ембриони можат целосно да го запрат развојот и да останат во состојба на мирување во влажната кал сè додека сезонските базени повторно не се наполнат со дождовница.
Новиот вид во моментов е познат само во три мали шумски базени во близина на Ларанжал до Жари. Сите три живеалишта покажуваат знаци на загрозеност поради сечењето на шумите, рударството и ширењето на урбаните подрачја. Едно од наоѓалиштата се наоѓа во близина на вода чија боја е променета од рударски седимент, додека другото е во самиот град и му се заканува загадување со пластика.
Бидејќи целото досега познато подрачје на распространетост на овој вид опфаќа проценети 25 квадратни километри, истражувачите сметаат дека „Laimosemion laranja“ ги исполнува критериумите за класифицирање во категоријата загрозени видови според насоките на Меѓународната унија за заштита на природата („IUCN“).











