Поранешниот директор за доверба и безбедност во „Google“, Том Сигел, денес предупреди дека вештачката интелигенција (АИ) може да биде поштетна за децата од социјалните мрежи.
„Се наоѓаме во навистина страшна ситуација во однос на тоа што вештачката интелигенција им го прави на децата. Идејата дека индустријата сама ќе го реши тоа без надворешна помош е нереална“, изјави Сигел за „Reuters“.

Истакна големи ризици
Според неговите зборови, големите компании кои развиваат АИ во моментов воведуваат функции за деца без воспоставување соодветни заштитни механизми.
Тој наведе дека компаниите можат да преземат чекори за подобро да ги заштитат младите, истакнувајќи ризици кои се движат од самоубиство и психоза до таканаречено когнитивно растоварување, кое доведува до опаѓање на критичкото размислување поради потпирањето на вештачката интелигенција за добивање одговори.

„Родителите имаат контроли“
Запрашана да ги коментира изјавите на Сигел, компанијата „Google“ соопшти дека родителите имаат контроли со кои можат целосно да го исклучат пристапот на детето до пребарувачот.
„Нашите функции за пребарување засновани на вештачка интелигенција претставуваат неверојатно корисен начин децата и тинејџерите да учат, истражуваат и да ги разбираат информациите и светот“, тврди „Google“.






