Студија открива: Повеќе шеќер во раното детство е поврзан со поголем ризик од анксиозност подоцна во животот

Точка

24/09/2026

13:01

281

Големина на фонт

а а а

Истражување спроведено на повеќе од 45.000 луѓе укажува на поврзаност меѓу количината на шеќер на која сме изложени за време на бременоста и во првите две години од животот и ризикот од анксиозност во зрелата возраст. Сепак научниците нагласуваат дека резултатите не докажуваат дека шеќерот директно предизвикува анксиозност.

Новото истражување покажува дека лицата кои во текот на првите 1.000 дена од животот биле изложени на помала количина шеќер имаат помал ризик од развој на анксиозност децении подоцна.

Научниците истакнуваат дека ова откритие ја нагласува важноста на исхраната во раното детство за развојот на мозокот, но напоменуваат и дека студијата не докажува директна причинско-последична врска меѓу шеќерот и проблемите со менталното здравје.

Тим научници ги истражувал долгорочните ефекти од консумирањето шеќер преку анализа на податоци од периодот по Втората светска војна во Велика Британија, кога сè уште била во сила рационализацијата на потрошувачката на шеќер.


„Оваа студија е убедлива бидејќи проучува вистински историски настан“, изјавила за „Њузвик“ д-р Риту Гоел, психијатарка специјализирана за деца, адолесценти и возрасни и основачка на платформата „MindClaire“.

Како што навела, „резултатите заслужуваат сериозно внимание: помалиот внес на шеќер во раната возраст е поврзан со помал ризик од анксиозност децении подоцна, со мерливи разлики во структурата на мозокот“.

Сепак, таа предупредила дека наодите не потврдуваат директна причинско-последична врска.

„Тоа не е доказ дека шеќерот предизвикува анксиозност. Рационализацијата променила многу повеќе од самиот внес на шеќер, се променила и целокупната исхрана на семејствата. Луѓето родени во период од неколку години растеле во различни општествени и економски услови, па затоа е тешко целосно да се раздвојат овие фактори“, објаснила таа.

Анализа на уникатни историски податоци

Новата студија, објавена во списанието „Translational Psychiatry“, ја предводеле истражувачи од Универзитетот во Сари во Англија. Во неа било испитувано како изложеноста на шеќер за време на бременоста и во првите две години од животот влијае врз менталното здравје, прехранбените навики, развојот на мозокот и когнитивното здравје во зрелата возраст.

Научниците ги анализирале податоците на повеќе од 45.000 учесници од базата „UK Biobank“, родени во периодот од 1951 до 1956 година. Учесниците биле поделени во групи во зависност од тоа дали биле изложени на ограничување на внесот на шеќер за време на бременоста и до шест, 12, 18 или 24 месеци по раѓањето, или само за време на бременоста.

Анализата опфатила и контролна група врсници родени по укинувањето на ограничувањата, како и група родена во Ирска.


Резултатите покажале дека ризикот од развој на анксиозност во зрелата возраст бил најнизок кај оние кои имале најмала изложеност на шеќер за време на бременоста и во првите две години од животот. Жените кои не биле опфатени со ограничувањето на внесот на шеќер или биле изложени на него само кратко време имале значително поголеми шанси да развијат анксиозност подоцна во животот.

Истражувачите забележале и поврзаност меѓу раната изложеност на шеќер и депресијата, но таа поврзаност станала помалку изразена по дополнителните статистички приспособувања.

Разлики во развојот на мозокот

Научниците пронашле и докази кои укажуваат дека раната изложеност на шеќер може да има трајни ефекти врз мозокот. Анализата на снимките од мозокот открила значајни разлики меѓу групите. Од 139 региони на мозокот во кои бил измерен волуменот на сивата маса, кај 80 биле забележани значајни разлики.

Со дополнителна анализа биле утврдени специфични разлики во 11 од тие 80 региони при споредбата на групите со најстроги ограничувања и оние кои никогаш не биле изложени на ограничување на внесот на шеќер. Меѓу нив биле и подрачја во малиот мозок (церебелумот).

Студијата укажува и на тоа дека изложеноста на шеќер во детството може да ги обликува прехранбените навики во зрелата возраст.

Лицата кои најдолго биле без шеќер, од бременоста до 24-месечна возраст, подоцна покажувале помала склоност кон блага храна. Истражувачите забележале пошироки разлики во склоноста кон благо меѓу оние кои биле опфатени со рационализацијата и оние кои не биле, што потврдува дека раната изложеност на шеќер може да влијае врз прехранбените навики долго по детството.


Главната авторка на студијата, д-р Хана Навратилова од ИПБ Универзитетот во Индонезија, која истражувањето го спровела на Универзитетот во Сари, истакнала дека претходните студии веќе ја поврзале раната изложеност на шеќер со хронични заболувања како што е дијабетесот.

„Бидејќи во претходното истражување забележавме поврзаност меѓу склоноста кон блага храна и проблемите со менталното здравје, особено нè интересираше дали консумирањето шеќер во раната возраст може да придонесе за појава на нарушувања како депресија и анксиозност подоцна во животот“, навела Навратилова во соопштението.

Д-р Гоел додала дека овие наоди ја потврдуваат важноста на исхраната за време на бременоста и во раното детство.

„Ова дополнително го поткрепува она што веќе го гледаме во клиничката практика: првите 1.000 дена се клучни за развојот на мозокот, а исхраната има важна улога во тоа. Пораката до родителите не е да чувствуваат вина поради повремените слатки, туку да имаат практична причина да го намалат додадениот шеќер за време на бременоста и во првите години од животот на детето“, рекла таа.

Помалата склоност кон слатки кај лицата кои во најраната возраст подолго време биле без шеќер, според неа, „исто така укажува дека раната изложеност ги обликува навиките кои се задржуваат во текот на целиот живот“.