Собирањето и повторната употреба на отпадната топлина би можеле да бидат клучни за енергетската безбедност и конкурентноста на Европа и директно да придонесат за намалување на зависноста од гас.
Според новиот извештај на данската инженерска компанија „Danfoss“, две третини од енергијата во 2024 година биле изгубени во форма на топлина. Со оглед на тоа што побарувачката за енергија и понатаму расте, се проценува дека тој удел до 2030 година ќе изнесува 55 отсто.
Поради тоа, авторите на извештајот отпадната топлина од супермаркетите, фабриките, постројките за пречистување отпадни води и дата-центрите ја нарекуваат најголемиот неискористен извор на енергија во светот. И покрај тоа, владите сè уште бавно ја користат, пренесува „Euronews“.

Колку топлина губи Европа и како може да се искористи?
Отпадната топлина е вишок енергија што настанува во секојдневните процеси, на пример при работењето на уредите за ладење во супермаркетите. Наместо да се испушта во воздухот и така дополнително да ги загрева градовите, таа топлина може да се собира и повторно да се користи.
Процесот најчесто се спроведува со помош на топлински пумпи. Тие ја зголемуваат температурата на собраната топлина и ја насочуваат назад во истата зграда или во блиската мрежа за централно греење, која потоа ги снабдува домаќинствата со греење и топла вода.

Еден дански производител на алуминиум, благодарение на овој процес, целосно престанал да користи гас во својот погон. Се проценува дека на тој начин ќе заштеди количество гас доволно за годишно греење и снабдување со топла вода за 132 домаќинства.
Анализата покажува дека со повторната употреба на отпадната топлина Европа би можела да заштеди до 140 милијарди евра годишно. Таа проценка се заснова на податокот дека во 2023 година биле отфрлени 3.100 TWh енергија. За илустрација, таа количина енергија би можела да го напојува цел Париз 48 години.

Во Германија, на пример, постојните индустриски извори на отпадна топлина би можеле да покријат повеќе од 30 отсто од националната побарувачка за централно греење. Во тој податок не се вклучени дата-центрите, а експертите истакнуваат дека тие би можеле значително да го зголемат тој удел, со оглед на тоа што во земјата има повеќе од 3.000 сервери.
Европа не може да си дозволи да ја фрла топлината
„Ја фрламе енергијата за која веќе сме платиле“, рече Кристијан Странд, претседател на одделот „Danfoss Climate Solutions“.
„Отпадната топлина е еден од најголемите неискористени извори на енергија во светот, а нејзината повторна употреба е еден од најбрзите начини за зајакнување на европската конкурентност, енергетската безбедност и отпорност. Не можеме да си дозволиме и понатаму да ја пуштаме таа да пропаѓа“, додаде тој.

Странд истакнува дека индустријата мора да воведе повторна употреба на топлината како стандардна практика за овој потенцијал целосно да се искористи. Енергетските оператори, вели тој, треба да го олеснат приклучувањето на мрежата, додека владите мора да ги отстранат пречките што ги попречуваат инвестициите, како оние поради кои електричната енергија е поскапа од гасот.
„Кога тие делови ќе се усогласат, отпадната топлина престанува да биде отпад, туку станува извор на поевтина енергија, поголема отпорност и посилна конкурентност“, додава Странд.














