Манекенката Лила Мос е едно од најпознатите имиња во индустријата, благодарение на нејзината славна мајка Кејт Мос. Досега соработувала со некои од најпознатите светски брендови, а била дел и од ревијата на „Викторијас Сикрет“. Сепак, се чини дека не е добро прифатена меѓу другите манекенки.
Мос се обидува да се истакне во модната индустрија без помош од својата мајка или каков било посебен третман. Но, поради тоа, Лила била изложена на „одвратен и студен третман“ зад сцената. Според извори, другите манекенки ѝ го свртеле грбот на Лила на ревијата на „H&M“ во рамките на Лондонската модна недела во петокот. И претходно се нашла во слични ситуации.

„Лила е ангажирана на вообичаен начин, исто како и сите други манекенки. Не барала никаков посебен третман поради својот статус – напротив, токму спротивното. Во текот на изминатата година им се доверила на пријателите дека многу други манекенки се однесуваат студено кон неа или целосно ја игнорираат. Да, тоа што е ќерка на Кејт ѝ отворило многу врати, но Лила сака да успее со сопствениот труд. Низ годините имало многу моменти кога зад сцената останувала целосно сама“, изјавиле извори за „Сан“.
Лила, која Кејт ја доби со Џеферсон Хак, своето деби на модната писта го остварила во 2020 година, кога ја отворила и затворила ревијата на модната куќа „Миу Миу“. Оттогаш, манекенката, која ја застапува модната агенција на нејзината мајка, била заштитно лице на глобални кампањи за луксузни брендови како „Гучи“, „Фенди“ „Марк Џејкобс“ и „Ив Сен Лоран Бјути“.
Денес Лила се занимава со истата професија како и нејзината мајка, но во 2022 година признала дека Кејт се обидела да ја разубеди од манекенството.

„Мама секогаш ме одвраќаше од тоа. Постојано велеше: ’Ако сакаш да се занимаваш со тоа, можеш, но јас не би ти го препорачала.‘ Кога бев помлада, мислам дека се плашеше да не западнам во истата замка“, раскажала Лила.
Таа претходно изјавила и дека нејзината мајка е првата личност на која ѝ се обраќа за совет, и покрај нивните различни карактери.

„Таа е побезгрижна, додека јас сум поорганизирана. Таа се води според интуицијата, а јас сум дисциплинирана. Знам што ќе правам во среда попладне за еден месец, додека таа има поопуштен однос кон времето. Тоа е добра рамнотежа“, изјавила таа за „Вог“ во 2023 година.

Нејзината мајка претходно признала дека смета оти Лила е позрела отколку што таа била во своите дваесетти години.

„Да ја гледам како гради манекенска кариера ме враќа во деведесеттите, кога јас почнував, но знам дека за неа работите ќе бидат поинакви. Пред сè, таа знае дека може да каже ’не‘, нешто што јас никогаш не го правев, а околу себе ги има и вистинските луѓе – јас се погрижив за тоа. И, да бидеме искрени, таа е многу поразумна отколку што јас бев на тие години“, истакнала Кејт.