Од 22 до 27 септември во Кинотеката на Македонија ќе се одржи манифестацијата „Денови на хрватскиот филм“, каде што ќе бидат прикажани современи и наградувани хрватски филмови со познати режисери и признанија од светски фестивали.
Од 22 до 27 септември во Кинотеката на Македонија ќе се одржи настанот „Денови на хрватскиот филм“ во чии рамки ќе прикажува селекција од современи и наградувани хрватски филмови.
Овој настан е во организација на Кинотеката и Амбасадата на Република Хрватска во Македонија, а ќе започне на 22 септември во 20:00 часот со изложба на филмски плакати од филмовите што ќе бидат прикажани. Истата вечер ќе се прикаже и краткометражниот игран филм Човекот кој не можеше да молчи, кој во 2025 година беше номиниран за Оскар во категоријата најдобар краткометражен игран филм, а претходно ја освои и „Златната палма“ за најдобар краток филм на Канскиот филмски фестивал во 2024 година.
На 23 септември ќе биде прикажан Седмо небо, во режија на Јасна Нанут, додека на 24 септември следува филмот Фрка, во режија на Свебор Михаел Јелиќ, кој беше добитник на Специјално признание на Пулскиот филмски фестивал во 2024 година.
На 25 септември на програмата е Прослава на Бруно Анковиќ, филм кој освои повеќе значајни признанија, меѓу кои и Големата златна арена за најдобар филм на Пулскиот филмски фестивал, додека пак на 26 септември ќе биде прикажан култниот хрватски филм Пејте нешто љубовно, во режија на Горан Куленовиќ, добитник на наградата на публиката „Златна врата на Пула“, како и на две „Златни арени“ на Пулскиот филмски фестивал во 2007 година.
Програмата завршува на 27 септември со документарно-играниот филм Риека или смрт! (Fiume o morte!) на Игор Безиновиќ. Филмот освои голем број награди, меѓу кои и „Златна арена за режија“, како и признанија за маска, костимографија, сценографија, кастинг и продукција на Пулскиот филмски фестивал во 2025 година. На Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам ја освои наградата за најдобар филм во натпреварувачката програма „Tiger“, како и наградата FIPRESCI, а добитник е и на Европската филмска награда за најдобар документарен филм.
Сите филмски проекции започнуваат во 20:00 часот.












