Нови детали од дигиталниот запис на апаратот за плазмафереза отвораат сериозни прашања за последните часови од животот на Јоргос Мазонакис. Првиот аларм бил регистриран само 11 минути по почетокот на третманот, операторот го потврдил, но процедурата продолжила. Грчките власти сега детално ја реконструираат временската линија.
Истрагата за смртта на познатиот грчки пејач Јоргос Мазонакис добива нова димензија откако истражителите ги анализирале дигиталните податоци од апаратот за плазмафереза на кој бил приклучен непосредно пред да доживее срцев застој.
Според информациите што ги објави грчка „Катимерини“, апаратот го регистрирал првиот аларм само околу 11 минути по почетокот на третманот.

Алармот бил регистриран во системот и потврден од операторот, што значи дека лицето кое управувало со апаратот добило информација дека нешто во текот на процедурата не се одвива според зададените параметри.
Сепак, плазмаферезата продолжила.
Во текот на процедурата биле регистрирани и дополнителни аларми, а токму дигиталниот запис од машината сега претставува еден од клучните докази во истрагата.
Што всушност значи алармот на апаратот?
Важно е да се нагласи дека аларм на апарат за плазмафереза не значи автоматски дека пациентот во тој момент доживеал срцев застој.
Овие машини постојано го контролираат екстракорпоралниот крвен круг и можат да сигнализираат при промени во притисокот во линиите, намален проток на крв, проблем со венскиот пристап, свиткана или затната линија, како и при други отстапувања во работата на системот.
Затоа за истражителите не е важно само дека се активирал аларм, туку што точно го предизвикало, како реагирал медицинскиот персонал и во каква состојба бил Мазонакис во тој момент.
Два часа под лупа на истражителите
Според „Катимерини“, апаратот почнал да работи околу 14:14 часот, додека повикот до грчката итна медицинска помош ЕКАВ бил регистриран во 16:23 часот.
Токму временскиот период меѓу почетокот на процедурата, првите аларми и повикот до итната помош е во центарот на истрагата.

[Вистинска фотографија од ординацијата каде почина Мазонакис]
ЕКАВ соопшти дека нивните екипи пристигнале пет минути по приемот на повикот. При проценката, пејачот бил во кардиореспираторен застој и асистолија, при што не можело да се утврди колку долго претходно се наоѓал во таква состојба.
Што е плазмафереза?
Плазмаферезата е медицинска процедура при која крвта на пациентот се извлекува и преку специјален апарат се разделува на крвни клетки и плазма. Одреден дел од плазмата се отстранува, додека крвните клетки со соодветна заменска течност повторно се враќаат во организмот.

Постапката има медицинска примена кај одредени автоимуни, невролошки и хематолошки заболувања, но бара соодветна опрема, стручен медицински надзор и внимателно следење на пациентот.
Според досега објавените информации, приватната ординација во атински Колонаки, каде што Мазонакис бил на третман, промовирала услуги поврзани со регенеративна медицина, longevity и anti-aging. Грчките власти истражуваат и дали установата имала соодветна дозвола за изведување плазмафереза.
Двајцата лекари во притвор
Истрагата во меѓувреме доби и кривично-правна димензија. Двајцата лекари поврзани со случајот се во притвор и ги негираат обвиненијата за убиство со можен умисол поради пропуст.
Еден од клучните елементи што го разгледуваат истражителите е токму минута-по-минута записот од апаратот за плазмафереза и начинот на кој било реагирано на неговите предупредувања.

Сепак, останува една исклучително важна околност: сè уште не е официјално утврдено дека плазмаферезата била директната причина за смртта на Мазонакис.
Првичната обдукција не дала доволно податоци за дефинитивно утврдување на причината за смртта, а конечните одговори се очекуваат од токсиколошките и дополнителните лабораториски анализи.
Истрагата треба да утврди што точно се случувало во ординацијата, што ги предизвикало алармите на апаратот и дали навремената реакција можела да го промени трагичниот исход.















