Милош Биковиќ ја посети Општина Берово каде се сретна со градоначалникот и разговараа за развој и промоција на градот. Тој најави инвестиција во хотелски и рекреативен комплекс, продолжувајќи ја соработката и промовирањето на потенцијалите на Берово.
Српскиот актер Милош Биковиќ вчера го посети Берово каде имаше средба со градоначалникот. Од Општината објавија дека се зборувало за повеќе идеи за развој и промоција на Берово, а Биковиќ го претставија како македонски актер.
Средбата и темите
„Денеска, во својот кабинет, градоначалникот на Општина Берово Петар Ружински, заедно со претседателот на совет на Општина Берово, Владко Шахпаски, остварија средба со Милош Биковиќ, нашиот познат актер и продуцент, со кого разговараа за повеќе теми поврзани со Берово, неговите потенцијали и можностите за идни активности и соработка“, пишува на објавата на „Фејсбук“ страницата на Општина Берово.

На средбата биле разменети идеи за иницијативи, кои, како што велат од Општината, можат да донесат нова енергија, интересни содржини и нови можности за развој, афирмација и промоција на Берово.
„Особено радува фактот што интересот за Берово, неговите природни убавини, потенцијали и можности, се повеќе се препознава и надвор од локални рамки. Кога ќе се спојат добрата идеја, потенцијалот и желбата за соработка, се отвораат можности за создавање на убави, значајни и долгорочни проекти за нашиот град.
Берово има што да понуди – наша обврска е тие потенцијали да ги претвориме во нови можности“, пишува во објавата.
Претходна посета и инвестиции
Биковиќ и лани ја посети Македонија.Тогаш медиумите објавија дека Биковиќ, кој неколкупати досега јавно изјавил дека има македонско потекло, најавил иницијатива за инвестиција во хотелски и рекреативен комплекс во Берово.
Српскиот актер тогаш имаше и средба со премиерот, Христијан Мицкоски, кој, исто така, објави дека било разговарано за инвестиција во хотелски комплекс.
„На мое задоволство имав средба со познатиот актер Милош Биковиќ кој по потекло е од убавиот македонски град Берово. Разговаравме за неговата иницијатива за инвестиција во хотелски и рекреативен комплекс во Берово. Ме радува неговата иницијативност и љубов кон Берово и Македонија. Така се почитуваат своите корени“, објави тогаш Мицкоски.
















