[ФОТО] Скандалот од „Макфест“ стигна до суд: Роберт Саздов и Јован Јованов бараат 6,2 милиони денари отштета од Зоран Ванев поради клевета

Точка

27/08/2026

16:07

375

Големина на фонт

а а а

Препукувањата околу овогодишното издание на фестивалот „Макфест“ добија и правна разврска. Музичарите Роберт Саздов и Јован Јованов, преку својот адвокат Јанаки Митровски, покренаа постапка за утврдување граѓанска одговорност за клевета и навреда против пејачот Зоран Ванев.

Во тужбата се бара надомест за претрпена нематеријална штета во вкупен износ од 6.200.000 денари, односно околу 100.000 евра, поради, како што наведува нивниот правен застапник, сериозно нарушување на честа, угледот и професионалното реноме на двајцата музички работници.

Причина за судската постапка се јавните објави на Ванев од 11 и 12 август, во кои тој упати низа сериозни обвинувања во врска со начинот на функционирање и финансирање на „Макфест“. Според демантот на правниот тим на Саздов и Јованов, Ванев ги обвинил за наводен економски криминал со фестивалските средства, ненаменско трошење на пари, лажирање на телефонски гласови, местење државни субвенции и монополизирање на системот за наплата на авторски права.


Во неговите објави биле упатени и критики дека укинувањето на оркестарската изведба го претворило фестивалот во „евтина плејбек манифестација“, како и тврдења за наводни приватни менаџерски провизии. Ванев дополнително ги оспорувал правилата и начинот на организација на фестивалот.

Саздов и Јованов, од друга страна, преку својот адвокат ги отфрлаат ваквите наводи и ги оценуваат како невистинити, неосновани и непоткрепени со докази. Во демантот се наведува дека јавните обвинувања сериозно ја нарушиле нивната чест, углед и професионално реноме.


Од нивниот правен тим, истовремено, се тврди дека нападите на Ванев биле мотивирани од лични причини. Како повод се посочува одбивањето на песната со која пејачот аплицирал за учество на овогодишното издание на „Макфест“.

Во демантот се поставува и прашањето дали Ванев би реагирал на наводните неправилности и „затворени кланови“ во фестивалот доколку неговата композиција била прифатена и тој бил меѓу учесниците.


Околу „Макфест“ во изминатиот период се разви и поширока јавна дебата. Во неа се вклучи и Стојан Троицки, еден од основачите на фестивалот, кој реагираше на титулата „уметнички директор“ и на начинот на кој денес се води манифестацијата.

Со покренувањето на судската постапка, спорот сега се сели од социјалните мрежи во судница. Таму ќе треба да се утврдуваат фактите и евентуалната граѓанска одговорност за јавно изнесените тврдења.

До правосилна судска одлука, обвинувањата изнесени во јавност остануваат на ниво на тврдења на страните во спорот.