Македонија европско жариште на западнонилска треска – шест мртви за едно лето, повеќе од претходните 15 години заедно, велат од Левица

Макфакс

28/08/2026

11:00

276

Големина на фонт

а а а

Македонија стана европско жариште на западнонилската треска ова лето со шест смртни случаи, што е повеќе од вкупниот број последниве 15 години, што алармираат од Левица и укажуваат на сериозни епидемиолошки проблеми и пропусти во превенцијата.

ДПМНЕ ја претвори Македонија во европско жариште на западнонилска треска – шест мртви за едно лето, повеќе од претходните 15 години заедно, обвини Левица.

„Во последниот целосно споредлив пресек на ECDC, со податоци заклучно со 21 август, 12 европски земји пријавиле вкупно 625 локално стекнати случаи. Македонија имала 37 и била четврта во Европа дури и по апсолутен број – зад Италија, Грција и Шпанија. Малата Македонија сама учествувала со речиси 6% од сите локално стекнати случаи во тој европски пресек. Пресметано по население, тие 37 случаи се околу 2,09 на 100.000 жители – приближно 38% над грчката стапка, речиси четири пати над италијанската и повеќе од 16 пати над шпанската.

Уште понепријатен за власта е европскиот контекст. Во последниот детален месечен извештај на ECDC/EFSA, заклучно со 5 август, Европа имала 245 случаи наспроти десетгодишен просек од 403 за истиот период. Значи, европската сезона во тој момент била околу 39% ПОД историскиот просек. Истовремено, Македонија оди во спротивна насока – кон најлошата сезона откако воопшто се води оваа статистика. Затоа општото повикување на временските услови, миграцијата на птиците или европските трендови не може да биде алиби за македонскиот дебакл: Европа е под својот просек, додека Македонија во едно лето руши апсолтутни бројки од 15 години вкупно“, велат од Левица.

Од партијата нведуваат дека од првиот регистриран случај во Македонија во 2011 година до крајот на 2025 година, ИЈЗ евидентирал вкупно 54 лабораториски потврдени случаи и пет смртни исходи.

„Само во 2026 година веќе имаме 50 потврдени и шест починати. Едно лето произведе број на потврдени случаи еднаков на 92,6% од целиот биланс на претходните 15 години, а бројот на починати веќе е 20% поголем од сите смртни исходи од 2011 до 2025 заедно“, велат од Левица.

Според партијата, алармантна е структурата на заболените.

„Од 53 евидентирани и сомнителни пациенти, Министерството за здравство соопшти дека дури 52 се со невроинвазивна форма тоа е 98,1%. Во последниот детален европски пресек, невролошки манифестации имале 58% од пријавените случаи, а десетгодишниот европски просек е 64%. Македонскиот удел, значи, е за околу 40 процентни поени над тековниот европски пресек. И самиот ИЈЗ објаснува дека околу 80% од сите инфекции воопшто немаат симптоми, додека помалку од 1% од инфекциите во природниот тек на болеста развиваат тешка форма. Кога речиси целиот регистриран македонски биланс е составен од невроинвазивни пациенти, тоа отвора огромно прашање – колку широко вирусот навистина циркулира, а колку малку системот го забележува пред пациентот да заврши со менингитис или енцефалитис?“, прашува Левица.

Од таму велат дека по шест починати не е доволно Клековски да брои прскања, да испраќа СМС-пораки и да констатира дека вирусот е “непредвидлив“.

„Државата мора јавно да ги објави резултатите од ентомолошкиот надзор, тестирањето на комарците за WNV, густината и распространетоста на векторите, проверките за резистентност на употребените инсектициди, ефектот од секој извршен третман и целосната хронологија на мерките преземени од првиот европски случај во мај до денес. Прскање без мерење на ефектот не е доказ за успешна превенција“, велат од Левица.