Станислас Вавринка го врти својот „последен круг“ во импресивната тениска кариера, па иако важи за легенда која со години им даваше огромен отпор на играчи како Ѓоковиќ, Федерер и Надал, Швајцарецот не доби почит каква што заслужува од последниот грен слем во годината.
Вавринка ја игра завршната сезона во кариерата и следнава недела требаше да го има „последниот танц“ на Ју-Ес Опен, но наместо да дојде до такво нешто, тенискиот сојуз во САД одлучи да не му даде специјална покана, или таканаречена вајлд-карта.
Барањето на Стен беше одбиено и тенискиот сојуз во САД со оваа одлука ги разбесни искрените тениски фанови, па во ситуација кога стана јасно дека нема да го гледаме шампионот од 2016-та година на отвореното првенство во Њујорк, пристигна порака и од самиот тенисер.
Вавринка покажа класа и величина дури и во ситуација кога доби третман каков што дефинитивно не заслужува еден грен слем шампион, а во својата порака која ја посвети на грен слемот во Њујорк доби огромна поддршка од искрените фанови кои останаа покуси за негов последен танц на „Артур Еш“.
– Кога првпат пристигнав во Њујорк од мало земјоделско село во Швајцарија, сè ми се чинеше преголемо. Градот. Бучавата. Енергијата. Метежот. Светлата.
– Но, година по година Њујорк полека стануваше едно од моите омилени места во светот. Овој град ме предизвика. Ме турна напред. Извлече нешто од мене што малку места некогаш би можеле. Тука доживеав некои од најсилните емоции во мојата кариера.
– Битките, доцните ноќи, неверојатната атмосфера, љубовта од публиката… тоа се спомени што ќе останат со мене засекогаш. Победата на Отвореното првенство на САД, во градот што никогаш не спие, засекогаш ќе биде еден од најголемите моменти во мојот живот. Ти благодарам Њујорк, ти благодарам Ју-Ес Опен, благодарност до секој навивач што ме поддржуваше, ме поттикнуваше, веруваше во мене и ги сподели сите овие емоции со мене низ годините. Засекогаш благодарен. Засекогаш Њујорк, – порача Вавринка.











