Ѓоковиќ прекина спаринг меч после само три гејма и отвори многу прашалници за својата физичка состојба

Дерби

26/08/2026

12:50

213

Големина на фонт

а а а

Рано утрово случување број еден во Њујорк беше враќањето на Рожер Федерер и двата егзибициски меча кои ги имаше некогашниот светски рекет број еден и петкратен освојувач на Ју-Ес Опен, но во ноќниот термин во САД, пристигна и информација која не влева голема надеж меѓу фановите на Новак Ѓоковиќ.

Србинот се мачеше со спарното и тешко време во Синсинати и со раната елиминација потврди дека има потешкотии да игра во такви услови, а сега го прекина и првиот спаринг меч кој го имаше закажано пред настапот на четвртиот грен слем во годината.

Ѓоковиќ го прекинал спаринг мечот со Зизу Бергс после само 40 минути на теренот, и тоа во ситуација кога во тие моменти губел со 3:0 во гејмови.

Според пишувањата на новинарите кои го следеле мечот, Новак не се здобил со некоја повреда и не станува збор за поголем проблем, но откажувањето на спаринг сесијата сепак отвора прашалници за кои набрзо ќе добиеме вистински одговор.

Повлекувањето по само 40 минути игра со Бергс отвора сомнежи дека Ѓоковиќ не е во најдобра физичка форма во овој момент, а бидејќи и самиот призна дека веќе со години не се справува баш најдобро со топлото време и влажниот воздух во Њујорк, неговиот настап во Њујорк ќе биде следен „под лупа“ уште од првото коло.

Пред да го прекине спаринг мечот со Бергс, Ѓоковиќ беше дел од микс турнирот во двојки, а таму забележа пораз во друштво на Арина Сабаленка.