Новак Ѓоковиќ забранил да се зборува за една тема во документарецот: Режисерот го молел да се предомисли

Точка

25/08/2026

15:20

1.896

Големина на фонт

а а а

Режисерот Џејсон Хир едвај го убедил Новак Ѓоковиќ да зборува за пензионирањето во документарниот филм „Зимски волк“. Тој објаснил и зошто таа тема му е непријатна.

Документарниот филм „Новак Ѓоковиќ: Зимски волк“ („Novak Djokovic: The Wolf in Winter“) беше објавен пред пет дена на стриминг-платформата „Prime“ на „Amazon“ и привлече големо внимание од јавноста. Во него Ѓоковиќ откри некои непознати детали од досегашниот дел од кариерата, при што најголем акцент е ставен на теми што ѝ се блиски на јавноста – само од поинаков агол.


Така, Ноле зборуваше за чувствителни теми како што е растењето во Југославија, а ги разјасни и работите околу депортацијата од Австралија во 2022 година. Сепак, планирал една тема да ја забрани – сè додека режисерот Џејсон Хир не го убедил да се предомисли.

Зошто пензионирањето е непријатна тема за Новак?

Единственото нешто за кое Ѓоковиќ не сакал да зборува е иднината, односно пензионирањето. За тоа веќе пет години се шпекулира, секојдневно се пишува за тоа кој турнир би можел да биде последен во кариерата на Ѓоковиќ, но авторот на документарниот филм Џејсон Хир знаел дека без тоа – нема ни приказна.

„Му реков на Новак: ‘Мораме да се позанимаваме со ова, но сфати го тоа како комплимент, бидејќи луѓето се фасцинирани од тоа колку долго можеш да продолжиш да го правиш ова што го правиш’“, рече Џејсон Хир во еден подкаст и додаде:


„Иронијата е во тоа што мислам дека кариерата ќе му биде продолжена токму поради сомнежите и шпекулациите за неговото пензионирање. Тоа е една од работите што сега го движат. Сигурен сум дека по резултатите во Синсинати ќе има луѓе кои ќе прашуваат: ‘Дали ова е почетокот на крајот?’. Па, тоа Новак го прашуваат веќе пет години. Воопшто не би ме изненадило да оствари голем резултат на УС Опен“.

Што кажа Ѓоковиќ за пензионирањето?

Кога Џејсон Хир го убедил Ѓоковиќ да зборува за оваа тема, објаснувајќи му дека тоа е комплимент, сепак одлучил да не ја искористи како главна тема на документарниот филм. Уште на почетокот дознаваме дека Ѓоковиќ не одлучил кога ќе биде крајот.

„Навистина сè уште се чувствувам млад“, рече Новак, кој нема одговор на прашањето што сега веќе му го поставува целиот свет: „Не знам кога ќе ја завршам кариерата. Можеби за една година, можеби за уште 15 години, не знам. Сè додека имам мотивација, страст, но пред сè сè додека чувствувам дека можам да освојувам турнири и да бидам еден од најдобрите играчи во светот, сакам да продолжам. Искрено, немам никаков датум во главата, никаков рок до кој би ја завршил кариерата“, рече тој.


„Знам дека многумина шпекулираат за тоа, многумина веќе со години ме пензионираат. Зошто би сакале да ме пензионирате кога сè уште играм и се натпреварувам на највисоко ниво? Сè уште сум меѓу петте најдобри играчи во светот. Зошто би зборувал за пензионирање кога постојано си докажувам себеси дека сè уште можам да победувам? Верувајте, јас сум најголемиот скептик!“.

Каде да го гледате филмот за Ѓоковиќ?

„Новак Ѓоковиќ: Зимски волк“ („Novak Djokovic: The Wolf In Winter“) е најавен како „all-access“ документарец за освојувачот на 24 гренд слем-трофеи, најголемиот тенисер на сите времиња. Премиерата ја имаше на 20 август на „Amazon Prime“, а продукцијата ја потпишуваат „Words + Pictures“ (Конор Шел) и „Sadoux Productions“.


Она што е важно за публиката е дека ова не е класична „биографија со архивски снимки“, туку проект што влегува во светот на Ѓоковиќ одвнатре, низ турнирите, тренинзите и секојдневието, со идеја да покаже како изгледа животот кога со години си на врвот, а очекувањата не се намалуваат. За него, покрај споменатите, зборуваат и Пит Сампрас, Борис Бекер, Андре Агаси, Јелена Ѓоковиќ, Џим Куриер, како и многу други познати и признати тенисери.

Документарниот филм ќе биде достапен на платформата „Amazon Prime“, а месечната цена на претплатата е 6,99 евра.