Државниот завод за ревизија откри низа неправилности во работењето на студентскиот дом „Пелагонија“ вклучувајќи неекономични јавни набавки, повисоки цени на производи како лебот, недостаток на соодветна документација и неусогласености во финансиското работење кои укажуваат на слабости во контролата и управувањето.
По извршената ревизија во студентскиот дом „Пелагонија“, Државниот завод за ревизија утврдил низа неправилности и неусогласености во работењето на домот.
Со ревизијата, како што е соопштено од страна на ДЗР, било утврдено дека во материјалната и сметководствената евиденција на студентскиот дом не се евидентирани одредени постојани средства и не е извршено усогласување на сметководствената и материјалната евиденција, ниту се преземени активности за проценка на вредноста, обезбедување имотен лист и евидентирање на земјиштето под зградата, кое е дадено на користење на домот.
Било констатирано дека во евиденцијата на домот не е евидентирана опрема во износ од 21.563 илјади денари при што еден дел од опремата за кујна која била набавена и платена од страна на надлежното министерство не е примена во домот, објави ревизорот.
„Исто така, не е евидентирано побарување по правосилна судска пресуда во износ од 1.127 илјади денари ниту се преземени мерки за наплата, што влијае врз реалното прикажување на финансиските извештаи.
Утврдивме недоследности во процесот на планирање и спроведување на јавните набавки и реализација на склучените договори. Со ревизијата на јавните набавки за свежо месо од 2023 година, преработки на месо, месни производи и риба од 2023 и 2024 година, како и земјоделски производи од 2023 година, ревизорите утврдија дека најчесто е доставена само една понуда, а договорите се склучувани во висина на проценетата вредност без однапред дефинирани количини. Кај редовно набавуваните артикли понудените цени се повисоки од пазарните, додека кај артиклите што не се набавуваат се понудени нереално ниски цени, без да се побара дополнително образложение од економскиот оператор“.

Утврдени се и највисоки цени при набавката на леб и брашно, каде договорот е склучен со понудувач чија основна дејност не е поврзана со предметот на набавката. Дополнително, економскиот оператор фактурирал едно парче леб како килограм, што поради слабите внатрешни контроли било откриено дури кон крајот на 2024 година.
По воведувањето дневна евиденција, месечните фактури во 2025 година се значајно намалени во однос на 2024 година. Ревизијата утврди и дека со новиот договор во 2025 година цената на лебот достигнала 126 денари/кг, што е значително над пазарната цена од околу 70 денари/кг, што укажува на неекономично користење на јавните средства и слабости во контролата на јавните набавки.
Тендерската документација на набавката на душеци од 2023 година содржи ограничувачки услови, а договорот е склучен со избраниот економски оператор без обезбедена банкарска гаранција. Набавени се душеци со различни димензии од предвидените, без соодветна документација за прием, и тие не биле ставени во употреба, што укажува на нарушување на стабилноста и статиката на креветите во домот.
Утврдени се слабости и во документацијата и оправданоста на расходите за одржување и сервисирање на опрема во ДСД Пелагонија во вкупен износ од 1.209 илјади денари, со недоволна документација и докази за извршените услуги.
ДЗР исто така информира за недостатоци во пресметката и исплатата на плати и надоместоци, како и неусогласеност на интерните акти, со што се укажува на повисоки бодови од предвиденото за административните службеници и непотполно опфатени законски елементи.

Постои неусогласеност помеѓу материјалната и сметководствената евиденција на постојаните средства. Ревизорите укажуваат и на потребата од подобрување на условите за престој на студентите, како и најавената реконструкција на домот во рамките на проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во Македонија“.
Во делот на внатрешните контроли, е утврдено дека нема воспоставен систем за контрола во процесот на јавни набавки, исплата на плати и финансиска контрола, што доведува до неекономично користење на јавните средства и ризик од неправилности.
За надминување на утврдените состојби, овластениот државен ревизор даде препораки за имплементација на соодветни мерки со цел подобрување на работењето и обезбедување контроли.
















