Шасивари – Ле Риголер: Француската поддршка, клучна за реформите и европската интеграција

Макфакс

20/08/2026

13:20

115

Големина на фонт

а а а

Министерот за правда Јетон Шасивари се сретна со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер за потврдување на силната соработка и поддршка во реформските процеси и европската интеграција на Македонија, со акцент на владеењето на правото и климатските прашања.

Министерот за правда, Јетон Шасивари, оствари средба со амбасадорот на Република Франција во Северна Македонија, Кристоф Ле Риголер, на која беа потврдени одличната соработка и заедничката посветеност кон унапредување на владеењето на правото и европската интеграција на земјата.

Шасивари ја истакна целосната подготвеност на Министерството за правда за забрзано спроведување на реформите согласно препораките на Европската комисија и обврските поврзани со Кластер 1 – Фундаментални вредности.

„Франција е наш значаен партнер во процесот на европска интеграција. Остануваме целосно посветени на реформите во областа на владеењето на правото и на исполнувањето на европските стандарди“- порача министерот.

Особено беше истакната француската поддршка преку експертскиот ангажман на Сесил Марони, која обезбедува стручна поддршка на Министерството за правда во процесот на европска интеграција.

На средбата беше разговарано и за соработката во областа на климатската и еколошката правда, во рамките на регионалниот проект „Конвергенција на климатската и еколошката правда“ (CEJ Convergence).

Континуираната експертска и институционална поддршка ќе придонесе кон создавање поефикасен и подостапен правосуден систем за граѓаните.