Во Македонија Левица алармира за големите суми на пари кои се трошат за борба против комарците без да се обезбеди мерлив доказ за ефективноста од применетите мерки, укажувајќи на повторување на договори со истите фирми и недоволна транспарентност при мерење на резултати.
Во Македонија со години се плаќаат авиони, препарати, оператори и тендери за борба против комарците, но институциите упорно го прескокнуваат единственото нешто што би покажало дали тие милиони воопшто купиле нешто повеќе од прелет над градот – мерлив резултат, реагираат од Левица.
Според оваа партија, само договорите за Скопје за 2020–2021 тежеле околу 1,1 милион евра, за 2022–2023 уште над еден милион, а годинашната зделка повторно се приближува до 600 илјади евра.
„Тоа се околу 2,75 милиони евра само во овие три јавно документирани циклуси, без останатите години и без договорите на општините. А по толкава потрошувачка јавноста нема серија споредливи извештаи што ќе покажат дека на конкретна локација имало мерлив ефект.
Како што објави и неделникот „Фокус“, индикативно е и што системот личи на затворен круг што сам себе си ја продолжува претплатата. „Приматекс Бранка“ и „Аероклуб Скопје“ се повторуваат низ договорите со години наназад.
Мерењето на ефикасноста не е наша политичка досетка, туку законска работа на институциите. Министерството самото потврдило дека Институтот за јавно здравје, во соработка со центрите за јавно здравје, ја следи ефикасноста и ја утврдува соодветноста на средствата, а елаборатите треба да содржат теренски податоци, мониторинг на претходните акции, испитување на успешноста и утврдување на бројноста и локалитетите на векторите. Тука Клековски има само две можности: ако вакви мерења постојат, нека ги објави сите, а доколку не постојат, нека објасни како со години се потпишувале елаборати, примале услуги и се трошеле милионски суми без доказ дека законски предвидената контрола на ефектот воопшто била направена“.
Самиот Клековски, велат од партијата, зборувајќи за вонредниот третман во Драчево, изјави дека прскањето од земја е поефикасно од авионското.
„Во ред, тогаш нека го отвори прашањето што неговата власт очигледно не сака да го постави: Ако терестичката апликација е поефикасна, врз основа на која компаративна анализа со години се трошат стотици илјади евра и за авионска компонента? Каде е пресметката цена-ефект? Каде се GPS-трасите на летовите, реално третираните хектари, дозата по хектар, калибрацијата на распрскувачите, големината на капките и метеоролошките услови при секој лет? Каде е споредбата меѓу авионски и терестички третирана зона? Дури и производителите нагласуваат дека кај ULV-прскањето големината на капките директно влијае врз перформансите.
Ако ништо од ова не се мери, тогаш не сме плаќале метод избран затоа што е докажано најдобар, туку сме плаќале ритуал што институциите го повторуваат секое лето“.
Левица бара веднаш да се воспостави обврзувачки национален протокол за контрола на ефектот од дезинсекцијата. Пред и по секој третман да се мери бројноста на векторите на исти контролни точки, резултатите по општина, локалитет, препарат и метод да се објавуваат јавно, редовно да се тестира чувствителноста на комарците кон употребуваните активни материи, а за секој метод однапред да постои минимален праг на ефикасност под кој третманот се смета за неуспешен.
Проблемот, како што додаваат, веќе не е само колку пати и дали навремено се прскало. „Проблемот е што државата со години совршено знае колку чини прскањето, а не покажува колку вреди. Милиони евра, исти изведувачи, активни материи и ист ритуал секое лето не се доказ за функционална превенција“.
















