Левица: Јаневска да им се извини на студентите што лаже за студентскиот оброк

Макфакс

20/08/2026

09:10

264

Големина на фонт

а а а

Левица ја критикува министерката Весна Јаневска за неусогласување и лажни тврдења во врска со студентскиот оброк, истакнувајќи дека официјалниот износ останува ист и дека студентите се оштетени со милиони евра. Партијата бара итни законски измени и долгорочно решение за студентскиот стандард.

Весна Јаневска повторно се обиде да се извлече од скандалот со студентскиот оброк така што наместо одговор понуди нова измислица. Министерката тврди дека оброкот бил покачуван, дека Владата на ДПМНЕ дури и однапред дала повеќе и дека критиките на Левица и студентите биле неоправдани, велат од Левица.

Од партијата велат дека „реалноста е сурово едноставна – официјалните повици на МОН за 2024/2025 и 2025/2026 и понатаму стојат на 140 денари“. Значи, велат од Левица, додека Јаневска на телевизија тврди за веќе двапати сторени покачувања, нејзиното Министерство на хартија исплаќа ист износ.

„Ова веќе не може да се подведе под лапсус, непрецизност или лошо објаснување. Јаневска или свесно ја лаже јавноста или до тој степен не се интересира за студентите што не знае ни колку изнесува правото што го исплаќа институцијата со која раководи и не знае што всушност предвидува Законот за субвенциониран студентски оброк. И двете варијанти се поразителни за министерка за образование. Не зборуваме за некоја споредна ставка во Буџетот, туку за право што го користат десетици илјади студенти секој ден“, велат од Левица.

Очигледно, велат од Левица, нема кој од подмладокот на ДПМНЕ да ѝ каже на министерката дека за младите и студентите не треба да се штеди, туку дека тие се субјекти во општество во кои државата треба значително и континуирано да вложува.

„Зад невистините на Јаневска стои неусогласувањето на студентскиот оброк кое значи дека студентите останале покуси за околу 6,5 милиони евра. Тоа е конкретна разлика која насобрано секој месец недостасувала на студентските картички. И затоа е крајно дрско министерката да се однесува како проблемот да е во тоа што Левица реагира, наместо во тоа што нејзиното Министерство не го исполнило она што студентите го очекуваат по закон. Црвена Младина и пратениците на Левица активно се вклучени во изнаоѓање решение за хаосот што го создаде Владата. Прво ќе бараме итни законски измени со кои студентскиот оброк ќе се усогласи со сегашната законска рамка, а потоа ќе понудиме темелно и долгорочно решение за висината на студентскиот оброк и за целокупниот студентски стандард“, велат од Левица.