[ВИДЕО] Тензии на последното соочување меѓу Махачев и Мачадо Гери – откриено што си кажале еден на друг пред УФЦ 330

Точка

15/08/2026

14:34

439

Големина на фонт

а а а

Сè е подготвено за големата пресметка меѓу Ислам Махачев и Ијан Мачадо Гери, а последното соочување на двајцата борци пред главната борба на настанот УФЦ 330 го донесе токму она што навивачите го очекуваа – многу тензии, провокации и психолошки игри.

Актуелниот шампион на УФЦ во велтер категорија и неговиот предизвикувач се најдоа лице в лице за време на церемонијалното мерење во „Xfinity Mobile Arena“, а токму нивната средба привлече најголемо внимание кај присутната публика.

Иако и двајцата на почетокот имаа насмевки на лицата, беше јасно дека меѓу Махачев и Гери постои огромна тензија. Провокациите доаѓаа од двете страни, а двајцата борци се обидуваа да останат максимално смирени пред еден од најважните мечеви во нивните кариери.


Ситуацијата во еден момент почна дополнително да се вжештува, поради што реагираше првиот човек на УФЦ, Дејна Вајт. Тој застана меѓу Махачев и Гери за да спречи последното одмерување на силите пред влегувањето во октагонот да прерасне во нешто посериозно.

Непосредно по мерењето не беше сосема јасно што си зборуваа Ирецот и Дагестанецот за време на соочувањето. Меѓутоа, набрзо на социјалните мрежи се појавија снимки направени од непосредна близина, а микрофоните го забележаа нивниот интересен разговор.

Гери се обиде да изврши дополнителен психолошки притисок врз шампионот и да го убеди дека практично во претстојниот меч сè што досега постигнал е ставено на коцка.

„Дали си подготвен? Сè е на коцка. Сите рекорди, сè. Дали си подготвен?“ праша Гери.

„Подготвен сум“ кратко му одговори Махачев.

Ирецот не застана тука.

„Најголемата борба. Најголемата борба на годината“ продолжи Гери.

„Не е“ му одговори актуелниот шампион.


Предизвикувачот, сепак, остана на својот став.

„Да, брате, знаеш дека е“ возврати Гери.

Потоа Махачев најде начин да му одговори и истовремено да го префрли притисокот на другата страна.

„Најголема е за тебе“ му порача Ислам.

Гери со насмевка ја заврши нивната вербална размена со уште една провокација: „Сè што си постигнал е на коцка. Можеш да изгубиш сè“.

Последното соочување на тој начин само дополнително ја вжешти атмосферата пред УФЦ 330. Гери очигледно се обидува со психолошки притисок да го исфрли Махачев од рамнотежа, додека Дагестанецот засега делува како да не сака да им придава преголемо значење на неговите провокации.

Сега останува само двајцата ривали да влезат во октагонот, каде што повеќе нема да има простор за вербални игри и каде што последниот збор ќе го имаат нивните тупаници.