Почина непоразениот боксерски шампион кој со години беше во вегетативна состојба поради неправда во рингот

Точка

14/08/2026

19:10

1.519

Големина на фонт

а а а

Славниот порторикански боксер Причард Колон почина на 33-годишна возраст, откако во текот на борба во 2015 година се здоби со повреда на мозокот, а од последиците од повредата никогаш не закрепна.

Непоразениот Колон, со скор од 16:0 (13 нокаути), во 2015 година влезе во рингот во борба против Терел Вилијамс, која му го промени животот.

За време на борбата, Колон се жалел дека повеќепати бил незаконски удиран во тилот, но судијата дозволил борбата да продолжи, а подоцна му одзел два поена на Колон поради удар под појасот.

Во деветтата рунда, Колон бил соборен на подот, а кога станал, неговиот тим му ги соблекол ракавиците, мислејќи дека борбата е завршена, само за да откријат дека таа ќе продолжи.

Во тој инцидент Колон бил дисквалификуван, а потоа му помогнале да се врати во соблекувалната, каде што повраќал и се онесвестил пред да биде пренесен во болница.

Таму му бил дијагностициран субдурален хематом и бил подложен на итна операција за да се намали отокот на мозокот и да се отстрани хематомот, поради што бил во кома која траела 221 ден.

Кога се разбудил, бил во вегетативна состојба. Не можел да оди ниту да зборува и до крајот на животот му била потребна 24-часовна нега.

Сега, 11 години подоцна, неговиот татко на социјалните мрежи ја сподели веста за неговата смрт.

„Добро утро, народе мој. Со жалење ве известувам за заминувањето на мојот син Причард од овој свет“, напишал тој на социјалните мрежи и додал:


„Сега е во подобар свет. Направив сè што можев за да ја исполнам неговата желба, неговиот сон да го однесам на одмор во Порторико, како што толку многу сакаше, но тоа не беше можно“, додал несреќниот татко.

По разорната борба, родителите на Колон поднеле тужба со која барале повеќе од 50 милиони долари отштета од докторот покрај рингот и организаторот на борбата. До денес, таа тужба останала нерешена.