Горан Иванишевиќ мина незаборавен период како тренер на Новак Ѓоковиќ и во секое ново интервју му се воодушевува на Србинот, па така е и во најновиот разговор кој го имаше за хрватски „24 сата“.
Славниот „Зец“ уште еднаш ги апострофира најголемите квалитети на најуспешниот играч во историјата на тенисот, но при обраќањето дава и една интересна изјава за најголемиот ривал на Новак, Рафаел Надал.
Ако треба да бира тенисер кој би играл за неговиот живот, тогаш Иванишевиќ вели дека би го бирал неуморниот борец Надал пред Ѓоковиќ.
– Новак по темпераментот е многу сличен со мене, имаме многу сличности и поради јазикот и темпераментот. Тој се разликува од останатите по менталната сила. Кога би гледале 100 играчи, сите би биле добри и доста слични, не би знаеле кој е прв, а кој последен. Но, кога ќе почнат да играат, кога ќе дојдат на ред важните поени и удари, тогаш се гледа разликата.
– Новак е екстремен во тој поглед, тој е генијалец и некои луѓе не можат да го разберат. На почетокот на заедничката етапа, тој ме предупреди дека не може да работи со човек кој не го разбира неговото лудило. Комуникацијата со него за време на мечевите изгледа хаотично, но тоа е начинот на кој тој ја празни негативната енергија.
– Новак за мене е еден од најголемите спортисти во историјата, а не само најдобар тенисер. Тој е убедливо најголем тенисер. Федерер игра најубав тенис, него е убаво да го гледате и кога игра лошо, потоа следи Надал на кого би му го доверил мечот ако животот ми зависи од тоа, но Новак е најкомплетен и го игра најдобриот тенис. Тој е како ајкула и како змија, те фаќа и постојано те дави и нема враќање назад, – изјави Иванишевиќ.








