Јапонски тим научници објави дека е на чекор до развој на вакцина која ќе ги уништува таканаречените „зомби“ клетки, чиј број се зголемува со возраста и кои влијаат врз околните клетки, придонесувајќи за нарушувања поврзани со стареењето, меѓу кои и намалената еластичност на артериите.
Студијата, спроведена од професорот на Универзитетот Џунтендо, Тору Минамино, и неговиот тим, покажала дека вакцинираните глувци имале пониски нивоа на „зомби“ клетки, односно остарени клетки, особено во органите погодени од кршливост на крвните садови.
„Можеме да очекуваме дека вакцината ќе биде применлива во лекувањето на вкочанетоста на артериите, дијабетесот и други заболувања поврзани со стареењето“, наведува Минамино.
Остарените клетки престанале да се делат, но не изумреле. Наместо тоа, тие предизвикуваат воспалителни процеси со ослободување хемиски супстанции кои ги оштетуваат соседните здрави клетки.

„Старите клетки лачат низа хемиски супстанции кои го нарушуваат функционирањето на ткивата“, изјави во интервју д-р Салвадор Матип, раководител на Лабораторијата за механизми на ракот и стареењето при Универзитетот во Лестер.
„Теоретски, овие стари клетки го ’повикуваат‘ имунолошкиот систем да ги исчисти, но на крајот тоа не успева и се создава хронично воспаление од низок степен, во комбинација со фиброза“, објаснува д-р Матип.
Истражувачите откриле протеин кој е особено застапен во старите клетки и кај глувците и кај луѓето. Тие развиле пептидна вакцина базирана на една од аминокиселините на протеинот. Вакцината го поттикнува создавањето антитела, кои се врзуваат за старите клетки, по што тие се елиминираат од белите крвни клетки кои се прикачуваат на антителата.

„Биолошкиот процес на стареење е исклучително сложен, па затоа е малку веројатно дека една единствена стратегија ќе може целосно да го запре или да го врати назад. Сепак, веројатно постојат многу начини тој да се забави, а отстранувањето на сенесцентните клетки изгледа како еден од наједноставните и потенцијално најефикасните“, смета докторот.
Во лабораториските тестирања, Матип открил дека намалувањето на нивото на сенесцентните клетки го продолжува животниот век на глувците за 15 проценти. Други слични тестирања, тврди тој, покажале продолжување и до 35 проценти.
„Ова е многу интересно прашање околу кое сè уште немаме постигнато согласност. Некои веруваат дека постои ’цврста‘ граница на човечкиот животен век – околу 130 години според сегашните проценки – додека други сметаат дека постојат теоретски претпоставки според кои бесмртноста би можела да биде остварлива“, истакнува д-р Матип.

„Сè уште не сме утврдиле колку може да се продолжи животот и дали воопшто постои граница.“
Сепак, како што додава професорот, решението можеби не е толку далеку.
„Областа на истражување на методите за борба против стареењето напредува исклучително брзо. Во последната деценија имаше многу клучни откритија. Личноста која ќе ја земе првата таблета против стареење веројатно веќе е родена“, тврди д-р Салвадор Матип.










