[ВИДЕО] Водителка заспа во емисија во живо: Снимката стана хит

Точка

10/08/2026

19:25

337

Големина на фонт

а а а

Водителката на емисијата „Good Morning Memphis“, Доминик Дилон, објасни зошто неодамна накратко заспала за време на пренос во живо.

Дилон откри дека претходната ноќ спиела само два часа бидејќи бдеела покрај своите две мали деца. Заморот на крајот ја совладал водителката пред камерите, а снимката од тој момент стана вирална.

Непроспиена ноќ пред емисијата

Гостувајќи во емисијата „Today“, Дилон ја опиша ноќта што му претходела на инцидентот.

„Мојот сопруг работеше двојна смена на железница. Имам двегодишно дете и осуммесечно бебе. Се обидував да ги заспијам околу осум часот навечер, но мојата осуммесечна ќерка едноставно не сакаше да заспие“, изјави таа.


Таа раскажа дека на нејзината најмала ќерка ѝ растат заби и дека не можела да ја смири, без оглед на тоа што се обидувала.

„Ѝ дадов лек за ублажување на болката, но ништо не помагаше“, рече таа. „И додека да се свртам, веќе беше 22:30 или 23 часот пред конечно да успеам да ја заспијам. Потоа имав само неколку часа за одмор пред да морам да станам и да тргнам на работа“, додаде водителката.

Заспала пред камерите

Дилон призна дека воопшто не била свесна дека заспала за време на емисијата. Сфатила што се случило дури кога метеорологот Британи Дубос ѝ го шепнала името од другиот крај на просторијата.

Исто така рече дека никој од режијата не реагирал бидејќи мислеле дека „гледа во својот таблет“. На шега прокоментирала: „Па кој заспива за една минута, седејќи исправено пред камерите?“

Кога се разбудила, Дилон рече дека била ужасната.

„Ги отворив очите, а програмата токму преминуваше на следниот кадар. Помислив: ’О, Боже. Не можам да верувам дека ова штотуку ми се случи. Умирам од срам‘“, раскажа таа. „Под масата се штипев и си мислев дека ова сигурно е некаков кошмар. Еден од оние кошмари поврзани со работата, бидејќи ова не може да биде мојот живот во моментов“, раскажа водителката.

Поддршка од родителите и јавноста

Иако на Дилон ѝ било непријатно поради кратката дремка, на социјалните мрежи се појавија бројни реакции со разбирање и поддршка. Многумина во коментарите под виралната објава истакнаа колку раните утрински смени можат да бидат напорни кога дома имате мали деца и повикаа на разбирање.

За време на гостувањето во емисијата „Today“, Дилон нагласи дека ја трогнало тоа што „луѓето разбираат низ што поминувам како мајка“. Таа ја искористи можноста да им порача и на другите родители дека и тие „одлично си ја вршат работата“.


„На мајките им порачувам – тие долги ноќи се исплаќаат“, рече таа. „Продолжете да одите на работа, давајте го најдоброто од себе, а потоа вратете се дома и дајте го најдоброто од себе и за своите деца, бидејќи сè што тие сакаат е нивните родители да бидат покрај нив“, заклучи Доминик.