Иако авионите се фасцинантни машини, тие станаа толку вообичаени што повеќето луѓе веќе и не обрнуваат внимание на тоа за колку технолошки софистицирани летала всушност станува збор.
Затоа пронајдовме неколку интересни факти за авионите и летањето кои можеби не сте ги знаеле, а би можеле да ја разбудат вашата љубопитност и да ве поттикнат повеќе да размислувате за овие неверојатни летала на небото.
На пример, денешните авиони се толку аеродинамични што можат да ги загубат сите мотори и, и покрај тоа, да продолжат да летаат повеќе од сто километри. Од височините на кои вообичаено летаат, авионите без мотори би губеле околу еден километар височина на секои десетина до 20 километри движење напред. Тоа значи дека до земјата, односно, во случај на поволен исход, до пистата, би можеле да едрат значително повеќе од сто километри.

Иако воздухот на височините на кои летаат авионите вообичаено има температура од 40 до 50 степени под нулата, трупот на авионот може да биде значително потопол поради триењето со воздухот при брзини од 800 до 900 километри на час, со колку што се движи авионот.
Моторите на некои од поголемите авиони имаат поголем дијаметар од некои помали патнички авиони. Интересно е и тоа што најголемиот дел од потисната сила на авионот не доаѓа од млазот жежок гас што излегува од турбината на моторот, туку како последица на вртењето на големите вентилатори во предниот дел на моторот, чиј дијаметар може да достигне и до четири метри.

Интересно е што вратите на авионите се отвораат однатре кон надвор, а причината за тоа е зголемувањето на безбедноста на патниците. Имено, при искачувањето на голема височина, авионот го компресира воздухот во кабината за патниците полесно да дишат. Тоа истовремено ги притиска вратите нанадвор, а со оглед на конструкцијата на вратите, притисокот во кабината практично не дозволува тие да се отворат за време на летот.
Малиот отвор на долниот дел од прозорците на авионот е поставен намерно. Тој отвор за изедначување на притисокот помага во регулирањето на притисокот меѓу повеќеслојните стакла, така што соодветниот слој ја презема разликата во притисокот.

Авионите обично полетуваат и слетуваат свртени кон ветерот. Челниот ветер ја намалува брзината на движење на авионот по земјата потребна за да се постигне неопходната брзина во однос на воздухот, со што се скратува должината на пистата потребна за полетување и слетување.
„Црните кутии“ всушност не се црни. Уредите за снимање на податоците од летот и разговорите во пилотската кабина обично се со светлопортокалова боја за истражителите полесно да ги пронајдат по несреќа.











