Кошаркарската Федерација на Македонија денеска објави конкурс за пополнување на едното празно место кое остана во Суперлигата, опција која се отвори откако Чаир 2030 не успеа да ги исполни предвидените финансиски услови за издавање лиценца во најсилното друштво.
Со цел да има транспарентност и да се биде фер кон сите клубови во македонската кошарка, КФМ реши да распише конкурс на кој ќе можат да конкурираат сите потенцијални кандидати, со напомена дека ќе мора да бидат исполенти сите услови за стекнување на лиценца.
– По завршувањето на постапката за лиценцирање, како и по истекот на рокот за поднесување жалби во делот на исполнувањето на обврските поврзани со финансиската дисциплина, констатирано е дека КК Чаир 2030 АД – Скопје не ги исполнил условите предвидени со важечките акти на федерацијата за настап во Супер лигата – мажи за натпреварувачката сезона 2026/27.
– Поради неисполнувањето на пропишаните услови, КК Чаир 2030 АД не го реализира спортски стекнатото право на настап во Супер лигата – мажи за сезоната 2026/27, со што во највисокиот степен на натпреварување се создава едно (1) испразнето место. Наведеното не претставува исклучување на клубот од системот на натпреварување на Кошаркарската федерација на Македонија.
– Согласно важечките Пропозиции, клуб кој не ја исполнува обврската од член 7.1 не остварува право на настап во повисокиот степен, туку се префрла за еден степен во понизок ранг на натпреварување. Оттука, КК Чаир 2030 АД може да го реализира правото на настап во Првата македонска лига – мажи за сезоната 2026/27, под услов претходно да ги исполни сите финансиски, административни, лиценцни и други обврски утврдени со важечките акти и одлуки на федерацијата.
– Согласно одлуката на Управниот одбор бр. 02-308/7 од 29.05.2026 година, доколку некој од десетте клубови кои го сочинуваат суперлигашкиот состав не ги исполни условите за добивање лиценца, се дава можност на клуб од понизок ранг на натпреварување да учествува во Супер лигата – мажи преку доделување „вајлд-карта“.
– Поради тоа, право да поднесе пријава по овој конкурс има клуб од понизок ранг на натпреварување кој смета дека ги исполнува сите услови предвидени со важечките акти на федерацијата за настап во највисокиот степен на натпреварување. Испразнетото место не создава автоматско право на промоција на кој било клуб, ниту самото поднесување пријава дава стекнато право на настап во Супер лигата – мажи.
– Заинтересираните клубови се должни да ги исполнат сите услови пропишани за настап во највисокиот степен на натпреварување, вклучително и организациските, инфраструктурните, административните, финансиските и останатите критериуми утврдени со важечките акти на федерацијата. Особено ќе се цени исполнувањето на обврските поврзани со финансиската дисциплина, како задолжителен дел од постапката за лиценцирање.
– Лиценцната документација предвидува потврдување на подмирените финансиски обврски од претходните и од тековната натпреварувачка сезона. Документацијата која не е доставена во рамките на постапката нема да се смета за исполнет услов.
– Согласно одлуката на Управниот одбор бр. 02-308/7 од 29.05.2026 година, клубот кој ќе го оствари правото за учество во Супер лигата – мажи преку доделување „вајлд-карта“ е должен да изврши претходна уплата во износ од 40.000 евра во денарска противвредност на сметката на Кошаркарската федерација на Македонија. Исполнувањето на оваа финансиска обврска претставува задолжителен услов за реализација на правото на настап преку доделената „вајлд-карта“.
– Заинтересираните клубови можат да ги достават своите пријави во периодот: од 10 до 20 август 2026 година. Пријавата мора да биде уредна и комплетна и да биде придружена со целокупната документација потребна за утврдување на исполнетоста на пропишаните услови. Пријавите доставени по истекот на утврдениот рок, како и нецелосните и неуредните пријави, нема да бидат земени во разгледување.
– По истекот на рокот за пријавување, комисијата за лиценцирање ќе изврши проверка на доставената документација и исполнетоста на пропишаните услови од страна на пријавените клубови. По завршувањето на постапката, Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија ќе донесе конечна одлука за доделување на „вајлд-карта“ и пополнување на испразнетото место во Супер лигата – мажи за сезоната 2026/27
– Поднесувањето пријава, како и исполнувањето на формалните услови за нејзино разгледување, само по себе не создава право на доделување вајлд-карта. Постапката ќе биде спроведена со доследна примена на начелата на еднаков третман, транспарентност, финансиска дисциплина, правна сигурност и еднаква примена на важечките акти кон сите клубови.
– Објавувањето на овој конкурс претставува реализација на механизам, претходно утврден со одлуката на Управниот одбор бр. 02-308/7 од 29.05.2026 година, односно пред утврдувањето дека конкретен клуб нема да ги исполни условите за лиценцирање за сезоната 2026/27. По завршувањето на постапката и донесувањето на конечната одлука, Кошаркарската федерација на Македонија ќе ја информира јавноста и ќе го објави конечниот состав на Супер лигата – мажи за натпреварувачката сезона 2026/27, – гласи долгото соопштение на КФМ.












