Фудбалскиот клуб Вардар фати нов курс откако ја заврши соработката со Гоце Седлоски на крајот на сезоната во која стана шампион, но неговиот наследник испадна дека нема да го дочека ниту третото коло во Првата македонска фудбалска лига.
Кристијан Фабијани најавуваше агресивен и напаѓачки фудбал од Вардар под негово водство, а откако скромните изданија во Европа дадоа лош предзнак за тоа што следи, вчерашната лекција од Шкендија на „Тодор Проески“ брзо го остави без работа.
Вардар беше целосно надигран во второто полувреме и посебно загрижи безидејноста која ја покажаа избраниците на Фабијани, па токму тренерот е тој кој експресно се претвора во прва жртва во новиот проект на Вардар.
Фудбалскиот клуб од Скопје денеска ја информираше јавноста дека е прекината соработката со аргентинскиот стручњак, а набрзо ќе се донесе одлука за тоа кој тренер ќе го води тимот во продолжение од сезоната.
– ФК Вардар АД Скопје и шефот на стручниот штаб Кристијан Фабијани постигнаа спогодбен договор за раскин на договорот, кој стапува во сила веднаш, – гласи кратката објава на „црвено-црните“.








