Поминаа 45 години од најраскошната венчавка во историјата: 3500 гости, 110 милиони долари, венчаница со 10.000 бисери и трагедија што засекогаш промени сè

Точка

06/08/2026

17:20

547

Големина на фонт

а а а

На 29 јули се навршија точно 45 години откако светот со восхит ја следеше венчавката на тогашниот престолонаследник Чарлс и младата припадничка на богатото аристократско семејство Спенсер, Дајана. Тоа беше спектакуларна церемонија што влезе во историјата – не само на британската монархија, туку и на популарната култура.

Тогашниот принц од Велс долго време барал сопруга која еден ден ќе биде крунисана покрај него. Иако бил вљубен во тогаш мажената Камила Паркер Боулс, Чарлс, наводно, за малку ќе се оженел со припадничка на руското царско семејство Романов, Олга Романова, или со принцезата Елизабета од Југославија, негова подалечна роднина. Сепак, на крајот ја запросил тогаш многу младата Дајана, која сè уште немала наполнето ни 20 години.


Церемонијата се одржа во Катедралата „Свети Павле“ во Лондон, а не во традиционалната Вестминстерска опатија, за да може да прими поголем број гости. Присуствуваа околу 3500 поканети, вклучувајќи кралски семејства од целиот свет, познати личности и британскиот државен врв. Дури 750 милиони гледачи ширум светот го следеа директниот телевизиски пренос, додека околу два милиона луѓе стоеја долж рутата на поворката на Дајана од Кларенс Хаус до катедралата.

Денес се проценува дека за венчавката биле потрошени повеќе од 48 милиони долари, што според денешната инфлација би изнесувало меѓу 70 и 110 милиони долари. Само за обезбедувањето биле издвоени околу 600.000 долари поради можната закана од напад на Ирската републиканска армија (ИРА).


Дајана на денот на венчавката стана модна икона. Нејзината раскошна венчаница ја изработија Дејвид и Елизабет Емануел, тогаш релативно непознат дизајнерски пар. Фустанот беше изработен од свилен тафт и античка чипка, а го красеше шлеп долг дури 7,6 метри – најдолгиот во историјата на британските кралски венчавки. Венчаницата беше украсена со повеќе од 10.000 бисери, а нејзината изработка чинела околу 9.000 британски фунти, што денес, според инфлацијата, би изнесувало околу 43.500 фунти.

Бидермаерот на принцезата Дајана беше традиционален, во бела боја, а содржеше орхидеи, гардении, фрезии и кринови – исти како оние што ги краселе бидермаерите на претходните генерации на британското кралско семејство.


Од друга страна, Чарлс на венчавката носеше униформа на адмирал на Кралската морнарица, со што ѝ оддаде почит на својата воена служба. Под униформата ја носеше лентата на Орденот на Подвезицата, како и другите ордени и медали што дотогаш ги имаше добиено.

Многу угледни гости посакувале покана за венчавката, но Дајана барала само едно лице меѓу 3500 луѓе – лицето на Камила Паркер Боулс, која успеала да ја забележи во толпата бидејќи носела речиси бел костум.


Венчавката вклучуваше и огромна свадбена торта висока 1,5 метар. Таа беше украсена со кралски грбови и симболи. Покрај главната торта, биле нарачани уште 27 помали торти за гостите и институциите ширум земјата. За спомен биле изработени бројни сувенири – од порцелански шолји, чинии, монети и фигурини, до специјални изданија на весници и книги. Британската економија заработи милиони само од кралските сувенири.


И покрај бајковитиот почеток и двајцата синови, бракот не беше среќен. Меѓусебното неверство, нарушувањето во исхраната, депресијата и паранојата доведоа до тоа Чарлс и Дајана најпрво да се разделат во 1992 година, а по несреќното интервју со Мартин Башир, за кое подоцна беше откриено дека било изнудено со лажна документација, кралицата Елизабета Втора побара од нив да се разведат. Договорот за развод беше постигнат во 1996 година, а само една година подоцна Дајана загина во страшна сообраќајна несреќа во Париз.

И покрај сите подоцнежни настани, венчавката на Чарлс и Дајана останува една од највеличествените и најгледаните во историјата. Нивниот ден од соништата остави длабока трага во колективната меморија на целиот свет, а и 45 години подоцна – сè уште се зборува за него со сјај во очите.