Дали знаете како функционира УВ индексот? Еве сè што треба да знаете

Точка

04/08/2026

19:39

345

Големина на фонт

а а а

Ултравиолетовиот (УВ) индекс е мерка за дневното ниво на сончево зрачење, која покажува колкава е веројатноста за појава на изгореници од сонце, а со тоа и ризикот од рак на кожата. За безбеден престој на отворено, клучно е секојдневно да го проверувате УВ индексот, да користите крема за сончање и заштитна облека, како и да избегнувате престој на сонце кога зрачењето е најсилно, пишува „Health.com“.

Што значат нивоата на УВ индексот?

УВ индексот е развиен во Канада во 1992 година, а неговата цел е преку едноставна скала да ја процени јачината на сончевото зрачење и потребното ниво на заштита.

Вредностите од 1 до 2 означуваат ниско ниво на зрачење, кога е доволно да носите очила за сонце и да нанесете крема за сончање. Кај умерен индекс, од 3 до 5, потребна е поголема претпазливост, но и понатаму се препорачуваат истите мерки на заштита.

Висок индекс, од 6 до 7, бара да го намалите престојот на сонце, да барате сенка и да носите заштитна облека, шапка, очила за сонце и крема со заштитен фактор.

Кај многу висок индекс, од 8 до 10, потребна е дополнителна претпазливост бидејќи незаштитената кожа може многу брзо да изгори.

Екстремното ниво, од 11 и повеќе, значи дека кожата без заштита може да изгори за само неколку минути, па затоа се препорачува да се избегнува излегување на сонце и да се применуваат сите мерки на претпазливост.


Кои фактори влијаат врз УВ индексот?

Вредноста на УВ индексот се менува во зависност од локацијата и временските услови, а врз неа влијаат повеќе фактори.

Густите облаци можат да блокираат дел од УВ-зрачењето, но ретките, бели облаци можат и дополнително да го засилат поради рефлексијата.

Зрачењето се зголемува за околу 2 проценти на секои 300 метри надморска височина, па затоа на планините може да биде значително посилно, иако температурите се пониски.

Најсилно е во близина на екваторот, а постепено слабее кон половите. Во нашето поднебје достигнува највисоки вредности во периодот од април до август.

Озонската обвивка ги апсорбира УВ-зраците, па затоа зрачењето е посилно во подрачјата каде што овој слој е потенок.

Најинтензивно е во средината на денот, најчесто помеѓу 10 и 16 часот.

Снегот рефлектира до 80 проценти од УВ-зраците, песокот околу 15 проценти, а водата околу 10 проценти, што дополнително ја зголемува изложеноста. Од друга страна, природните и вештачките засолништа, како дрвјата и зградите, ја намалуваат изложеноста на сончевото зрачење.


Опасностите од висок УВ индекс

Прекумерното изложување на сонце може брзо да доведе до изгореници, а на долг рок значително го зголемува ризикот од сериозни здравствени проблеми.

Кога УВ-зраците продираат во кожата, можат да предизвикаат генетски мутации во клетките. Долготрајната изложеност и честите изгореници го зголемуваат ризикот од развој на рак на кожата.

Ова заболување е излечиво доколку се открие навреме, поради што се важни редовните самопрегледи и годишните прегледи кај дерматолог.

Кај некои луѓе може да се јави алергиска реакција на сонце, позната како фотосензитивност. Таа може да предизвика осип, црвени дамки или уртикарија, а одредени лекови исто така можат да ја зголемат чувствителноста на кожата.

Прекумерното изложување на сонце го забрзува создавањето брчки, сончеви дамки и промени во пигментацијата. Се проценува дека УВ-зрачењето е одговорно за дури 90 проценти од видливите знаци на стареење на кожата.

Изложеноста на сонце може да предизвика изгореници на рожницата, а исто така го зголемува ризикот од појава на катаракта и макуларна дегенерација, која го оштетува централниот вид. Покрај тоа, може да го поттикне и развојот на рак на кожата околу очите.

УВ-зрачењето може да го ослабне и имуниот систем. Бидејќи кожата е првата линија на одбрана од микроорганизмите, нејзиното оштетување може да ја намали отпорноста на организмот кон инфекции и одредени видови карцином.


Како ефикасно да се заштитите

Најдобрата превенција е да ја ограничите директната изложеност на УВ-зрачење, да избегнувате солариуми и редовно да ги следите сите промени на кожата.

Се препорачува да го избегнувате сонцето во периодот од 10 до 16 часот.

Кремата за сончање треба да се нанесе 15 минути пред излегување, а потоа повторно да се нанесува на секои два часа, како и по пливање или интензивно потење.

Изберете водоотпорна крема со широк спектар на заштита и заштитен фактор (SPF) 30 или повисок.

Секогаш кога е можно, престојувајте во сенка, особено ако вашата сенка е пократка од вашата висина.

Носете шапка и очила за сонце кои обезбедуваат 99 до 100 проценти УВ-заштита.

Исто така, важно е да внесувате доволно вода и да го проверувате рокот на употреба на кремата за сончање, кој вообичаено изнесува три години.


Како да го проверите УВ индексот

УВ индексот за вашата локација можете да го проверите на бројни метеоролошки интернет-страници и во мобилни апликации.

Повеќето апликации за временска прогноза на паметните телефони автоматски ја прикажуваат оваа вредност, што го олеснува планирањето на активностите на отворено, дури и кога сте на патување.