[ВИДЕО] Полицијата разговара со лице осомничено за пожарите во Кавадаречко, огнот повторно се разгори

Макфакс

03/08/2026

15:30

431

Големина на фонт

а а а

Пожарите во Кавадаречко се повторно активирани поради неповолни атмосферски услови и силен ветер, а полицијата разговара со осомничено лице за подметнување. Екипите вложуваат максимални напори за ставање под контрола на огнот и апелираат до граѓаните за внимание.

Пожарот во атарот на селото Раец во Кавадаречко, кој избувна синоќа на пет локации, повторно се разгори поради високите температури и силниот ветер, соопшти градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Тој нагласи дека сите расположливи екипи се на терен и вложуваат максимални напори за локализирање на огнената стихија.

Пожарникарите и екипите на терен цела ноќ се бореле со огнот на исклучително непристапен терен и успеале да ги локализираат пожарите, но поради временските услови дошло до ново активирање. Се апелира граѓаните да не се движат во загрозените подрачја и веднаш да пријават доколку забележат ново жариште или сомнително однесување.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, објави дека постои осомничено лице за подметнувањето на пожарот во Кавадаречко.

„Лицето било забележано, потоа побегнало, а подоцна било пронајдено. Полицијата разговара со него“, рече Ангелов, додавајќи дека МВР работи на целосно расчистување на случајот.

Тој информираше и дека во текот на вчерашниот ден низ државата биле регистрирани околу триесет пожари на отворен простор, при што голем дел од нив биле предизвикани од човечки фактор.

„Доволна е една искра за да избувне пожар. Казните се високи, а полицијата работи на откривање на сите сторители“, порача тој.