Зеленски бара помош од Трамп за користење на Старлинк за украински напади врз цели во Русија

Макфакс

01/08/2026

20:10

320

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Зеленски побара од Доналд Трамп и други американски власти да помогнат за проширување на употребата на сателитскиот систем „Старлинк“ за украински напади врз цели во Русија. Зеленски исто така бара и дополнителни системи „Патриот“, додека односите меѓу Зеленски и Трамп се подобруваат во услови на конфликот со Русија и регионалните безбедносни прашања.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од американскиот претседател Доналд Трамп и други високи американски функционери да помогнат да се добие одобрение од Илон Маск за користење на сателитскиот комуникациски систем „Старлинк“ при насочување украински напади врз цели на руска територија.

Барањето за проширување на употребата на „Старлинк“ доаѓа во момент кога Киев бара алтернативи за намалување на зависноста од американските системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, кои Украина ги користи за одбрана од руски ракетни и напади со дронови.

Според извори запознаени со разговорот, Зеленски директно го изнел барањето пред Трамп за време на средбата во Овалната соба оваа недела, при неговата кратка посета на Вашингтон. Подоцна, тој истото барање го пренел и пред членови на Конгресот.

Според информациите, Трамп не го прифатил барањето на украинскиот претседател.

Маск ја ограничи употребата на „Старлинк“ во Русија

Илон Маск ѝ овозможи на Украина користење на „Старлинк“ на нејзина територија, вклучително и во делови окупирани од Русија, но ја ограничи употребата на системот на руска територија.

Зеленски веќе неколку недели се обидува да ги убеди американските власти да поддржат поширока употреба на „Старлинк“. За напорите на украинскиот претседател прв објави „The Atlantic“.

Проширувањето на употребата на системот би можело да носи дополнителен ризик за Маск. Според претходни информации, разузнавачки служби на две земји членки на НАТО изразиле сомневање дека Русија развива противсателитско оружје кое би можело да ја загрози сателитската мрежа „Старлинк“.

Сателитите на „Старлинк“ во ниската орбита околу Земјата имаат значајна улога во украинската одбрана од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Украина повторно бара системи „Патриот“

За време на посетата на Вашингтон, Зеленски побарал и дополнителни системи „Патриот“, како и договор кој би ѝ овозможил на Украина самостојно производство на овие системи.

Републиканскиот сенатор Мајк Раундс изјавил дека потребите на Украина се јасни и дека на Киев му е потребен долгорочен пристап до „Старлинк“ за подобрување на прецизноста на системите со среден и долг дострел.

„Долгорочно им е потребен пристап до Старлинк за нивните системи со среден и долг дострел да бидат попрецизни“, изјавил Раундс.

Сепак, Трамп неодамна ја доведе во прашање можноста за лиценца за производство на „Патриот“, иако претходно најави дека Украина ќе добие право сама да ги произведува овие системи.

„Разговараме за тоа. Но тешко е некому да му се предаде таква технологија“, изјави Трамп.

Подобрени односи меѓу Трамп и Зеленски

Односите меѓу Трамп и Зеленски се подобрија во последните месеци, откако Украина ја зајакна својата позиција на бојното поле.

Зеленски се обидува да го поврзе конфликтот со Русија и со пошироките безбедносни прашања, вклучително и конфликтот меѓу САД и Израел со Иран.

Американските разузнавачки служби претходно утврдија дека Иран ѝ доставувал беспилотни летала на Русија, кои се користат во нападите врз Украина. Според американски и европски функционери, Русија сега се подготвува да му испорача на Иран свои беспилотни летала, вклучително и усовршени верзии на технологија што претходно ја добила од Техеран.

Пред посетата на Вашингтон, Зеленски изјави дека ќе им презентира на американските власти докази дека Русија му помага на Иран во насочување напади врз американски бази на Блискиот Исток преку користење сателитски надзор.