Трамп почна да наплаќа брз пристап до неговите објави: Волстрит ќе плаќа 100.000 долари месечно

Макфакс

01/08/2026

19:50

273

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп започна да наплаќа брз пристап до своите објави преку услугата Truth API, со што инвеститорите на Волстрит може да добијат ултрабрзи информации за економски и глобални настани за 100.000 долари месечно, што предизвика дебата за легитимноста и влијанието на ваквата пракса врз финансиските пазари.

Компанијата на американскиот претседател Доналд Трамп од денеска почнува да ја нуди услугата „Truth API“, со која инвеститорите и трговците на Волстрит ќе можат за 100.000 долари месечно да добиваат ултрабрз пристап до неговите објави на платформата Truth Social.

Според францускиот медиум France 24, услугата им овозможува на претплатниците да ги добијат објавите за економската политика, царините, војните и другите глобални настани веднаш штом ќе бидат објавени, што може да им донесе предност на финансиските пазари.

Потегот отвори дебата дали претседателот ја користи својата јавна функција за приватен профит и дали ваквата услуга создава неправедна предност за големите инвеститори.

„Да беше директор на јавно претпријатие, поради ова ќе завршеше во затвор“, изјави Ајрин Олдриџ, директорка на компанијата Able Alpha Trading, оценувајќи дека станува збор за можност одбрана група инвеститори да добива информации кои директно влијаат врз берзите.

Од Trump Media & Technology Group, компанијата што управува со Truth Social, ги отфрлија критиките, наведувајќи дека информациите ќе бидат објавени јавно во ист момент кога ќе ги добијат претплатниците и дека станува збор за јавни, а не доверливи информации.

Експертите посочуваат дека токму брзината е клучна. Џо Салуци, коосновач на Themis Trading, вели дека високофреквентните трговци, кои користат алгоритми за тргување во милисекунди, ќе имаат најголема корист од услугата.

„Не е важно кога информацијата е објавена, туку кога е примена. Оној што ќе ја добие прв и има систем што веднаш реагира, секогаш ќе биде во предност. Малите инвеститори во вакви услови секогаш губат“, предупреди Салуци.

Трамп и претходно со своите објави предизвикуваше силни реакции на пазарите, особено кога најавуваше нови царини, геополитички потези или јавно поддржуваше одредени компании. Аналитичарите оценуваат дека ваквите објави можат значително да влијаат врз цените на акциите, валутите и нафтата.

Според достапните информации, сè уште не е познато кои компании ќе ја користат услугата. Доколку само неколку големи инвестициски фирми се претплатат, приходите на Trump Media & Technology Group значително би се зголемиле, во период кога компанијата се соочува со финансиски загуби и пад на вредноста на своите акции.