Вардар долго време чекаше да се врати во Европа, а сега кога е дел од натпреварувањата на УЕФА, „црвено-црните“ имаат обврска да дадат се од себе за да останат што е можно подолго во Конференциската лига.
Македонскиот првак испадна од Купс во првото квалификациско коло во Лигата на шампиони и се префрли во Конференциската лига, но првиот натпревар од второто коло донесе нов пораз на домашен терен.
Летонскиот шампион Рига победи во Скопје со 2:3 и му го расипа 79-от роденден на Вардар, па сега избраниците на Кристијан Фабијани имаат обврска да бркаат нов пресврт.
Вардар се покажа во далеку подобро светло на гостувањето во Финска кај Купс и покажа дека игра и подобро далеку од дома, а токму такво нешто ќе треба оваа вечер во Рига.
Минималната негатива од 2:3 може да се надополни со добра игра и далеку поголема концентрација во одбраната, сегмент од играта кој целосно потфрли на првиот меч минатата недела.
Вардар прими три гола и скапо ги плати грешките во потесната одбрана, па јасно е дека денеска ќе мора да остане идентично ефикасен во напад, но и далеку подобар во дефанзива.
Македонскиот првак традиционално покажувал дека знае како да игра на гостински терен, па затоа сите се надеваат на подобро издание од Скопје и пресврт кој ќе го одржи жив европскиот сон на Вардар.
Натпреварот против Рига се игра во 19:00 часот и ќе биде емитуван на „Арена М1 Премиум“.







