Првиот човек на италијанскиот фудбал го соопшти името на новиот селектор, познато и кој ќе го наследи Малдини

Дерби

28/07/2026

14:24

252

Големина на фонт

а а а

Италијанскиот фудбал влезе во немирни води во последните 48 часа и настана голема збрка поради стопирањето на акцијата наречена „Андреа Пирло“, а отфрлањето на опцијата од страна на претседателот Џовани Малаго донесе домино ефект кој никој не го посакуваше.

Пирло не доби дозвола од првиот човек на Федерацијата поради инволвираност и маркетиншки договор со руски букмејкер, па откако стана јасно дека Андреа нема да ја води селекцијата, Паоло Малдини и Леонардо си поднесоа оставки 16 дена по назначувањето.

Наместо нов проект кој треба да биде долгорочно решение за италијанскиот фудбал, во 48 часа се дојде до ситуација да бидат ослободени три места (селектор, технички директор и прв советник), но ова попладне пристигна информација дека Малаго ги решил двете најважни.

Првиот човек на италијанскиот фудбал соопшти дека нов селектор на национачниот тим ќе биде Роберто Манчини, што всушност ќе претставува кам-бек на тренерот која ја донесе последната европска титула за „аѕурите“.

Манчини на контроверзен начин си замина од Италија за да ја води Саудиска Арабија и тој потег не му го простија голем број сонародници, но денеска стана познато дека Малаго сепак му дава доверба да го води проектот, од кој дел ќе биде и Клаудио Раниери.

– Роберто Манчини е новиот селектор на италијанската репрезентација, – кратко потврдил Малаго пред италијанските новинари.

Манчини беше селектор кога Македонија и зададе тежок удар на Италија во баражот за претходното Светско првенство, а негов близок соработник во новата етапа ќе биде Клаудио Раниери кој ќе го менува Малдини на позицијата технички директор во репрезентацијата.