Роберт Левандовски стави крај на својата убава етапа во Барселона, но иако на најдобар можен начин беше испратен од „Камп Ноу“, Полјакот дефинитивно може и да чувствува лутина поради начинот на кој заврши целата ситуација.
Иако Леви во ниту еден момент не кажа лош збор за Барса, неговиот агент Пини Захави открива дека одолговлекувањето на Барселона го оставила Левандовски без понуда која можела да му го промени животот, бидејќи минатиот јануари на адреса на Полјакот пристигнала понуда вредна 200 милиони евра.
Левандовски ова лето заврши во Чикаго во МЛС Лигата како слободен агент, но само шест месеци претходно, фактот што ја чекаше Барселона до последен момент го натерало да одбие понуда вредна 100 милиони евра по сезона.
– Во јануари оваа година, Роберт на маса имаше понуда вредна 100 милиони евра по сезона во договор од две години. Не ја прифати поради тоа што сакаше да остане во Барселона. Таа понуда важеше само за јануари, знаевме дека нема да се повтори ова лето. Роберт се гледаше себеси во Саудиска Арабија, го чекаа и многу пари, но сакаше да ја почека Барселона. Јас му кажав дека таква понуда нема да се повтори, но тој одлучи да почека.
– Жоан Лапорта го обожаваше Леви и вистината е дека Роберт сакаше да игра уште една сезона на „Камп Ноу“. Зборував со Лапорта во декември и тој ми кажа дека сака да остане Левандовски уште една година. Но, Лапорта не е човек кој се меша во работата на спортскиот директор и тренерот. Деко и Ханси Флик влечат потези околу тимот, а тие двајца не може да му гарантираат стартно место на Левандовски. Тоа е поважно за Роберт и од парите кои му се нудат. Деко и Ханси имаа поинаков план за Роберт и затоа на крајот не ни пристигна понуда, – открива Пини Захави, агентот на Полјакот.







