Бебињата плачат – тоа е нивниот начин на комуникација. Што се случува ако бебето плаче предолго? Дали тоа значи дека е разгалено и треба да го оставите да плаче? Апсолутно не!
Првото што треба да го знаете е дека реагирањето на плачот на вашето бебе не е знак на слабост, ниту пак значи дека бебето е разгалено, дури иако некој ви го тврди тоа. Напротив, обидот да го утешите бебето кога плаче всушност придонесува за неговиот емоционален и психолошки развој, што го потврдиле бројни студии.
Иако околината може да ве советува дека ова е добар начин да го „засилите“ детето, ваквото однесување има последици врз развојот на бебето. Кога бебето плаче, неговото тело се преплавува со хормони на стрес.

Раководителот на Одделот за психосоматска медицина на Универзитетската детска клиника во Минхен, д-р Карл Хајнрих, истакнал дека во мозокот на бебето се развива еден вид „план за итни случаи“, кој донекаде наликува на реакцијата кај животните што, кога се во опасност, се преправаат дека се мртви и го вкочануваат телото за да се заштитат од предаторите и да преживеат.
Последиците од ова кај бебињата можат да бидат и непосредни и долгорочни:
– нарушувања на централниот нервен систем,
– тешкотии во учењето,
– проблеми при воспоставување емоционална поврзаност,
– зголемен ризик од развој на анксиозност и депресија во зрелата возраст.
Студиите спроведени на оваа тема покажале дека ако родителите редовно одговараат на потребите на детето или реагираат на неговиот плач, бебето всушност ќе плаче помалку од децата кои добиваат помалку внимание од мајката и таткото.

Психологот и психотерапевт Розана Мартин нагласила дека обезбедувањето сигурна основа е еден од најважните аспекти на родителството. Со други зборови, клучно е за развојот на детето родителот да биде достапен и подготвен да реагира за бебето да се чувствува безбедно.
Директорот на Институтот за детска педагогија, д-р Фабијан Бекер-Штол, исто така нагласил дека на децата им се потребни физичка близина и контакт за да ги задоволат своите основни психолошки потреби и да го намалат стресот. Само преку близок контакт тие можат да изградат силна поврзаност со своите родители, а потоа и со средината што ги опкружува.