Почина мајката на Кејси и Бен Афлек: Нејзината последна желба се исполни само два дена пред смртта

Кармин

24/07/2026

19:08

571

Големина на фонт

а а а

Крис Ен Афлек, мајката на оскаровците Бен Афлек и Кејси Афлек, почина на 2 јуни на 83-годишна возраст, соопшти нејзиното семејство. Во декември минатата година ѝ бил дијагностициран рак на панкреасот.

Родена како Кристин Ен Болдт во Њујорк во декември 1942 година, таа дипломирала на Универзитетот Харвард и 35 години работела како наставничка во државно училиште. Во пензија заминала во 2008 година, а во текот на животот била и посветен борец за граѓански права. Во 1960-тите била меѓу првите активисти кои учествувале во движењето „Фридом рајдерс“, борејќи се против расната сегрегација во јужните американски држави.


Со поранешниот сопруг Тимоти Афлек го добиле првиот син, Бен, во 1972 година, а три години подоцна се родил и Кејси. Семејството потоа се преселило во Масачусетс, каде што Крис ја продолжила својата наставничка кариера.

Бен Афлек во интервју за „Холивуд репортер“ во 2012 година зборуваше со голема почит за својата мајка.

„Мајка ми беше наставничка во државно училиште. Студираше на Харвард, таму магистрираше и предаваше на ученици од петто и шесто одделение. Татко ми имаше сосема поинаков животен пат – беше автомеханичар, шанкер и хигиеничар на Харвард“, изјави актерот.

По разводот на родителите, кога Бен имал 12 години, токму Крис му помогнала да ги направи првите чекори во актерската професија. Преку својата поранешна цимерка од Харвард, кастинг-директорката Пети Колинс, му овозможила аудиции за реклами и телевизиски филмови.


Таа беше и голема поддршка на своите синови. Во 1998 година присуствуваше на доделувањето на Оскарите, кога Бен Афлек и Мет Дејмон ја освоија наградата за најдобро оригинално сценарио за филмот „Добриот Вил Хантинг“ (Good Will Hunting).

„Седевме покрај нашите мајки и кога победивме, прво ги прегрнавме нив. Се сеќавам дека сите се однесуваа како тоа да е нешто необично. Си помислив: ‘Кого друг би требало да донесеме, ако не нашите мајки?’“, раскажа подоцна Бен.

Според семејството, по дијагнозата во декември лекарите ѝ дале прогноза дека ѝ остануваат околу шест месеци живот. Нејзината најголема желба била да присуствува на матурирањето на својот внук Атикус. Таа успеала да биде со семејството на свеченоста на 31 мај, а починала мирно во сон само два дена подоцна.

Покрај Бен и Кејси, зад себе остави пет внуци – Атикус, Индијана, Вајолет, Фин и Сем.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk