Беше прва тенисерка во светот и имаше десетици милиони, а денес отплаќа долгови: „Слепо се заљубив“

Кармин

23/07/2026

15:47

1.285

Големина на фонт

а а а

Поранешната светска тенисерка број 1, Аранча Санчес Викарио, повторно отворено проговорила за финансискиот колапс што следувал по завршувањето на нејзината блескава кариера.

Шпанката тврди дека за време на својата тениска кариера заработила повеќе од 35 милиони евра, но дека денес останала без тоа богатство и сè уште отплаќа повеќемилионски долг. За исчезнувањето на парите директно го обвинила својот поранешен сопруг Жозеп Сантачана, со кого има син и ќерка.


„Му верував затоа што беше татко на моите деца. Слепо се заљубив, а се покажа дека не е човекот за кој го сметав“, изјавила 54-годишната Викарио во емисијата „Universo Calleja“.

Четирикратната освојувачка на Гренд слем титули потврдила дека проценките оти во текот на кариерата заработила десетици милиони евра се приближно точни. Сепак, нагласила дека никогаш самостојно не управувала со својот имот.


„Бев целосно посветена на тенисот и не се занимавав со финансии, бидејќи не знаев доволно за тоа. Му верував на сопругот, а парите исчезнаа. На крајот, целиот товар остана на мене“, раскажала таа.

„Јас сум жртва“

Санчез Викарио моментално работи како тениски тренер во Соединетите Американски Држави. Според нејзините зборови, половина од нејзините приходи одат за отплата на долгот кон банка во Луксембург, кој се проценува на околу 5,5 милиони фунти.

Шпанката претходно добила условна затворска казна во случај поврзан со прикривање имот и избегнување на наплата на долг. Таа тврди дека не завршила во затвор затоа што го почитува договорот за отплата.


„Плаќам 50 отсто од сè што ќе заработам. Ги исполнувам своите обврски, иако длабоко во себе чувствувам дека во целата оваа приказна јас бев жртва“, објаснила таа.

Финансиските проблеми ја следат веќе со децении. Уште за време на кариерата беше под истрага поради тврдењата дека живее во Андора, иако даночните власти сметаа дека нејзиното вистинско место на живеење било во Барселона. Подоцна следуваа и спорови поврзани со банкарски долгови, недвижности и имот.

Таа признала дека целиот случај психички ја скршил и дека морала да побара стручна помош.


„Тоа беше шок. Морав да одам на терапија затоа што не можев да прифатам што ми се случува. Имав чувство како да се будам од сон и постојано си повторував дека тоа не може да биде мојот живот“, опишала поранешната тенисерка.

Денес најголемата мотивација ја наоѓа во своите деца. Сака повторно да воспостави финансиска стабилност и еден ден да се врати да живее во Шпанија.

Се осврнала и на својата автобиографија од 2012 година, во која ги обвинила родителите и братот дека лошо управувале со нејзините пари. Сега тврди дека во тој период била под силно влијание на други луѓе.


„Не бев своја. Дозволив да ме убедат и тоа беше огромна грешка“, признала Аранча.

Санчез Викарио беше една од најголемите тенисерки во деведесеттите години. На само 17-годишна возраст ја победи Штефи Граф во финалето на Ролан Гарос, освои четири Гренд слем титули во поединечна конкуренција и вкупно 14 титули кога ќе се вклучат и оние во дубл.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk