Пратеникот Амар Мециновиќ најави нов закон за критична инфраструктура со кој Левица предлага Армијата на Република Македонија да ја чува стратешката инфраструктура за заштита на националната безбедност, во услови на зголемени безбедносни ризици и неодамнешни инциденти.
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, денес во Собранието одржа прес-конференција на која најави изготвување на нов Предлог-закон за критична инфраструктура. Со предложеното законско решение, Левица бара обезбедувањето на стратешките објекти и критичната инфраструктура од највисоко национално значење да го врши Армијата на Република Македонија, во координација со другите надлежни институции.
Изјава на Мециновиќ за новиот закон
„Денес ја свикуваме оваа прес-конференција да најавиме изготвување на нов Предлог-закон за критична инфраструктура. Закон со кој државата конечно ќе почне да се однесува кон своите стратешки капацитети како капацитети и системи кои се прашање од национална безбедност, а не како административна формалност“, истакна Мециновиќ.
Ранливост на инфраструктурата
Осврнувајќи се на неодамнешните инциденти во повеќе градови, Мециновиќ посочи дека тие ја покажале сериозната ранливост на критичната инфраструктура во државата.
„Последните случувања се алармантни – по загадувањето на водата во Гостивар и откако видовме колку е лесен пристапот до овие системи за водоснабдување. Ова е јасен сигнал дека државата не се однесува доволно сериозно кон своите стратешки објекти. Зборуваме за системски пропусти кои директно ги загрозуваат здравјето, безбедноста и довербата на граѓаните во институциите“, нагласи тој.
Заштита на критичната инфраструктура
Мециновиќ образложи дека водоснабдителните системи, браните, енергетските капацитети, комуникациските центри и останатите стратешки објекти претставуваат критична инфраструктура чија заштита мора да биде третирана како прашање од национална безбедност.
„Армијата е единствената институција која располага со потребната организација, дисциплина, обучен кадар и капацитет за континуирано обезбедување на овие објекти во време на сè поголеми безбедносни ризици, хибридни напади, климатски промени, но и деградација на условите за живот во Република Македонија“, рече Мециновиќ.
Повик за поддршка
На крајот, тој упати повик до сите пратенички групи да го поддржат предложеното законско решение.
„Мислам дека на сите ни е јасно дека не смееме да стравуваме кога ќе ја пуштиме чешмата со вода дали ќе бидеме затруени. Тоа покажува дека во Македонија е преминат секој последен аларм за дејствување. Затоа ги повикуваме сите пратенички групи да го поддржат ова законско решение. Време е Македонија да ја сфати критичната инфраструктура како прашање на национален суверенитет и национална безбедност“, заклучи Мециновиќ.















