Норвешка ќе поднесе тужба против Доналд Трамп по скандалот за време на Светското првенство

Точка

23/07/2026

14:38

807

Големина на фонт

а а а

Фудбалската федерација на Норвешка ќе поднесе официјална пријава до Етичкиот комитет на „FIFA“, поради, како што тврди, политичко мешање во одлуката за укинување на суспензијата на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун за време на Светското првенство.

Претседателката на Федерацијата, Лисе Клавенес, порача дека целиот случај не смее да биде заташкан и предупреди дека станува збор за преседан кој може сериозно да го загрози интегритетот на фудбалот.

Контроверзноста избувна откако „FIFA“ ја укина суспензијата на репрезентативецот на САД, Фоларин Балогун, пред натпреварот против Белгија, а претседателот на САД, Доналд Трамп, подоцна јавно призна дека од претседателот на „FIFA“, Џани Инфантино, побарал повторно да ја разгледа казната.


Клавенес во интервју за „The Times“ најави дека Норвешка ќе побара Етичкиот комитет да го испита целиот случај.

„Кога на ваков начин ги менувате правилата, навлегувате на многу лизгав терен што може да го загрози целиот спорт. Сериозен проблем е кога се нарушуваат основните принципи на играта. Ова не смееше да се случи. Сите знаеме дека одлуката беше донесена под надворешно влијание и надвор од пропишаната процедура. Потребно е „FIFA“ да признае дека направила грешка.“


Претседателката на Норвешката фудбалска федерација смета дека проблемот го надминува самиот случај со Балогун.

„Ако почнете да ги приспособувате одлуките на шефови на држави и на политички притисоци, го менувате начинот на кој функционира организацијата и ги поместувате границите на она во што политичарите можат да се мешаат. Токму тоа се случи во овој случај.“


Клавенес најави дека случајот ќе го изнесе пред Извршниот одбор на Федерацијата и ќе инсистира на покренување официјална постапка.

„Ова е толку сериозно што не може да се турне под тепих. Премногу тренери, играчи и навивачи сметаат дека со ова е премината границата и дека е загрозена самата суштина на фудбалот“, заклучи претседателката на Фудбалската федерација на Норвешка.