Андони Ираола одговори позитивно на повикот и стана нов менаџер на Ливерпул и тоа по една турбулентна сезона за клубот од „Енфилд Роуд“, сезона во која не беше освоен ниту еден трофеј и по која управата одлучи да се збогува со тренерот Арне Слот.
Ираола во претходните години заврши одлична работа во Борнмут и тоа беше препорака за Ливерпул да го ангажира, а сега е на Шпанецот да се докаже. Ова за Андони нема да биде лесна мисија поради повеќе причини, доста важни играчи како Салах, Робертсон и Конате си заминаа и засега клубот е тивок кога се во прашање нивни замени.
Доведен беше само Виктор Муњоз, секако тука како инвестиција од минатата година е Жереми Жаке, меѓутоа новиот предводник на премиерлигашот бара уште засилувања, освежувања на крилната позиција и дефанзивната линија.
- Мислам дека е тешко да се каже бројка (за засилувања). Кога пазарот е отворен, секогаш мора да бидете отворени за нови опции за подобрување на тимот. Постојат очигледни ситуации каде што треба да потпишеме играчи. Крилен играч на пример, дефинитивно треба да потпишеме крилен играч, но има и други ситуации каде што ќе треба да анализираме што ни нуди пазарот, која е цената, како ги гледаме и играчите што ги имаме.
- Имаме некои незгодни позиции каде што имаме повредени играчи на кои им веруваме, но сепак не е идеална ситуација, па затоа ќе зависи од многу работи, - истакна Шпанецот.
„Црвените“ се на турнеја во САД каде ќе имаат мечеви со Сандерленд, Лидс и Рексам.







