Заборавете на Рим и Фиренца: Новинар открил италијански бисер кој целосно го воодушевил

Точка

17/07/2026

17:46

752

Големина на фонт

а а а

Во својата патописна рубрика, новинарот Адам Милер од „Metro“ посвети текст на својот омилен, како што вели, малку занемарен италијански град, кој истовремено е прогласен за една од најпопуларните ТикТок дестинации за 2026 година.

Станува збор за Болоња, градот што целосно го освои уште при првата посета.

Неговата љубов кон Италија започнала по венчавката на пријател во Тоскана. Додека остатокот од друштвото заминал кон Фиренца, тој решил да ја посети Болоња – град што му го препорачала неговата покојна сестра, тврдејќи дека токму тој ѝ е најомилен во светот. Иако никогаш не успеал да ја праша зошто, таа мисла му била доволна за да ѝ даде шанса на Болоња.

Градовите му се подраги од плажите

Милер вели дека секогаш би избрал градски одмор наместо излежување на плажа или покрај базен во луксузна вила. „Ја сакам вревата, мирисите и чувството дека зад секој агол можете случајно да откриете ресторан, изложба или претстава што ќе ви го промени погледот кон светот“, опиша тој.

Иако во секојдневниот живот не сака премногу да планира, патувањата во градовите за него се сосема поинаква приказна. Тогаш сака детален распоред, список на музеи, галерии и цркви, резервирани вечери и исполнет секој момент.


Што воопшто да се види во Болоња?

Пред да пристигне во Болоња, немал големи очекувања. Пребарувањето на интернет му ги понудило класичните знаменитости како плоштадот „Piazza Maggiore“, базиликата „San Petronio“, познатите Две кули и базиликата „Santo Stefano“.

„Искрено, никогаш претходно не сум слушнал за нив и на прв поглед не ме воодушевија особено“, признал тој.

На фотографиите Болоња изгледала убаво – со своите карактеристични црвени згради, аркади и поглед кон Апенините, но пред патувањето не чувствувал особена возбуда. Тоа многу брзо се променило.


Во Италија веќе многупати бил и посетил некои од најпознатите градови како Фиренца, Рим, Венеција, Милано, Верона, Сиена, Лука, Пиза и Бергамо. Затоа тврдењето дека Болоња е нечиј најомилен италијански град, а камоли најомилен град во светот, му се чинело малку претерано.

Но, веќе по само една ноќ помината таму морал да признае дека разбира зошто неговата сестра толку ја сакала. „Постојат малку градови во кои сакам постојано да се враќам, а Болоња сега е на самиот врв од тој список. Веќе резервирав нова посета за подоцна овој месец“, пишува за „Metro“.

Проблемот со најпознатите италијански градови

Милер истакнува дека Фиренца, Рим и Венеција целосно ја заслужуваат својата репутација. Ватиканот, како што вели, толку го воодушевил што му потекле солзи, а прошетката по венецијанските канали е едно од најубавите искуства што ги доживеал.


Но, покрај својата убавина, тие градови имаат и еден голем недостаток – станале жртви на сопствената популарност. „Тоа се вистински туристички замки“, напишал, објаснувајќи дека посетите на знаменитостите често значат огромни гужви, долги редици и високи цени на храната, пијалаците и сместувањето.

„Кога знам дека Болоња е оддалечена само 40 минути со воз од Фиренца, повеќе никогаш не би избрал сместување таму“, додал тој.

Болоња го има она што другите градови го губат

Токму Болоња, тврди тој, го потсетила што го прави еден град посебен. Секако, има прекрасни знаменитости, но нејзината најголема вредност не е само во историјата и архитектурата, туку во атмосферата.


Градот често го нарекуваат Ла Роса, односно „Црвената“, поради карактеристичните згради од теракота кои со векови се негов заштитен знак. Улиците се полни со живот, а баровите и кафулињата се преполни со локално население кое разговара, се дружи и ужива во секојдневните ритуали.

Иако бил таму надвор од сезоната, од понеделник до среда, атмосферата му делувала како да трае викенд. „Болоња е динамична, но никогаш не ја губи својата елеганција“, напишал тој.

Ла Граса – рај за љубителите на храната

Болоња носи уште еден прекар – Ла Граса, односно „Дебелата“, поради својата богата гастрономска традиција.

Милер, кој ги посетил некои од најголемите светски кулинарски метрополи како Њујорк, Токио, Париз и Сингапур, вели дека токму Болоња особено го изненадила. „Преполна е со најдобрата храна што некогаш сум ја јадел, и тоа по цени кои често се двојно пониски од оние во Лондон“, напишал тој.


Најпознатото градско јадење се тортелините во бујон, но Милер не можел да ги проба бидејќи не сака сирење. Затоа, без проблем уживал неговиот придружник, и тоа во обилни порции.

Посебно го издвоил пазарот „Mercato delle Erbe“, каде што пробал тост ала Норма, јадење кое, како што вели, долго му останало во мислите по враќањето дома.

Посебна препорака добил и за сладоледот од „Cremeria Cavour“, за кој пријателка од Болоња му рекла дека е „најдобар во светот“. „Не погрешила“, заклучил тој.

Магијата на едноставниот живот

Сепак, она што најмногу го освоило не била ниту храната ниту знаменитостите, туку чувството на леснотија што го нуди Болоња.


Сè таму делува поопуштено отколку во туристичките гиганти како Рим, Венеција или Фиренца. Храната, пијалаците и истражувањето на градот се одвиваат без брзање. „Тоа е еден од ретките градски одмори по кои се чувствував вистински одморено“, напишал тој.

Поради одличната железничка поврзаност, Болоња е и совршена база за истражување на останатиот дел од Италија. Фиренца е оддалечена само 40 минути со воз, Венеција околу 70 минути, а поволните билети овозможуваат едноставни излети.

„По сè што напишав, мислам дека е јасно – се враќам во Болоња. А што чекате вие?“, заклучил Милер.