Благодарение на античките споменици, прекрасните плажи и врвната храна, Грција е една од најпопуларните туристички дестинации во светот, но – таа е многу повеќе од тоа, а доколку ги прашате локалните жители, тие ќе ве упатат и кон некои нејзини други адути.
Исто така, можат да ви укажат на автентични доживувања на оваа прекрасна земја, но и да ве предупредат за некои потенцијални ризици – токму во таа насока оди текстот што Јоана Калафатис го напишала за „Business Insider“, со наслов: „Како локалка, ова се осум работи за кои би сакала туристите да знаат пред да ја посетат Грција“.

Па, еве ги...
Грција е многу повеќе од најпознатите острови и атракции
Повеќето туристи ги посетуваат Миконос, Санторини и можеби Парос, но Грција има повеќе од 200 населени острови. Многу од нив се значително поповолни за одмор од најпознатите дестинации.

Јоана препорачува острови како Кимолос, Астипалеја, Паксос или Фолегандрос, за кои вели дека за неа се вистински скриени бисери.
Ниту копнениот дел на Грција не треба да се занемари. Таму се наоѓаат места под заштита на УНЕСКО, како Делфи и Метеори, тиркизното море на Пелопонез, како и импресивни планини и традиционални села во Епир.

„Исто така, многу туристи во Атина застануваат само за да ја посетат Акрополата и веднаш продолжуваат понатаму. Според мое мислење, со тоа пропуштаат еден од најживите градови во светот. Вреди да се истражат ноќниот живот во Атина, рестораните, музеите и населбите како Плака, Егзархија, Псири и Панграти.“

Не е потребно да оставате бакшиш од 15 до 20 отсто
Конобарите и вработените во угостителството во Грција главно примаат редовна плата, па културата на оставање бакшиш не е иста како во некои други земји, прави споредба Јоана со САД.
„Додека во Америка е вообичаено да се остави 15 или 20 отсто од сметката, во Грција тоа не се очекува. Јас најчесто само ја заокружувам сметката или оставам неколку евра на масата, освен ако услугата била исклучителна или вечерам во луксузен или особено туристички ресторан.“

Опуштете се и прифатете го поспориот ритам
Грците имаат прилично опуштен однос кон времето. Не е невообичаено луѓето да доцнат на договорена средба, ниту продавница да ги отвори вратите половина час подоцна од најавеното.
„На посетителите кои доаѓаат од земји со побрзо темпо на живот, услугата може да им изгледа бавна, особено на помалите острови. Многу продавници и супермаркети не работат во недела, дури ни во Атина. Знам дека тоа може да биде фрустрирачки ако сте навикнати сè да ви биде достапно во секое време, но ве советувам едноставно да уживате во поспориот начин на живот додека сте во Грција“, пишува Јоана.

Не обидувајте се да посетите премногу острови за време на едно патување
„Многумина ме прашуваат дали е можно да се посетат четири или дури пет острови за седум дена. Мојот одговор речиси секогаш е – не. Многу е подобро на секоја дестинација да ѝ посветите барем два дена и навистина да ја доживеете. Голем дел од шармот на грчките острови е токму во опуштањето. Ако постојано брзате од еден траект на друг за да видите што повеќе знаменитости, ќе го пропуштите најубавото“, истакнува таа.
Бидете внимателни кога станува збор за природни катастрофи
Последните години Грција, како и многу други земји, сè почесто е погодена од разорни шумски пожари. Затоа е важно да имате разбирање доколку се наоѓате во земјата во тој период или објавувате содржини на социјалните мрежи.

„За жал, сум видела туристи кои фотографирале ’прекрасно’ небо или зајдисонца осветлени од пожарите. Во момент кога многу Грци не знаат дали нивните домови се зачувани или дали нивните најблиски се безбедни, таквите објави можат да изгледаат многу нечувствително“, предупредува авторката.
Задолжително посетете традиционална таверна
Популарните дестинации денес имаат голем број модерни ресторани со кујни од целиот свет, но не треба да ја пропуштите можноста барем еднаш да јадете во традиционална грчка таверна.
Таверната е опуштен ресторан во кој храната се дели на масата, во семеен стил. Гостите често седат со часови, разговараат, споделуваат јадења и уживаат со вино или узо, традиционален грчки аперитив.
Грчката кујна е многу повеќе од гиро
Иако гирото и сувлакито се навистина вкусни, грчката гастрономија нуди многу повеќе.
„Многу Грци го започнуваат денот со тиропита, пита со сирење, и фредо кафе – популарно ладно еспресо со пена, кое најчесто се подготвува со мраз и шеќер. Секој дел од земјата има и свои локални специјалитети, па распрашајте се што вреди да се проба. Во таверните се многу популарни октоподот, различни видови свежа риба, печени и пржени сирења како саганики и халуми, како и прилози како фавата – кремаст намаз од жолт грашок“, препорачува Јоана.

Научете неколку грчки зборови
Во туристичките места повеќето помлади Грци зборуваат англиски, но во помалите места и на село, комуникацијата со постарите жители може да биде малку потешка.

„Дури и кога соговорникот ве разбира, убаво е да покажете малку труд и пред патувањето да научите неколку основни изрази како ’добро утро’, ’благодарам’ или ’како сте’. Локалното население секогаш го цени кога туристите ќе се обидат да изговорат барем неколку зборови на грчки“, заклучува таа.









