Популарните широки панталони од „Zara“ го добија прекарот „смртоносни“ откако бројни жени на социјалните мрежи споделија приказни за падови и повреди.
Широките, лелеави панталони веќе неколку сезони се едно од најпопуларните летни парчиња облека, но моделот на „Zara“ сега привлече внимание од сосема погрешна причина. Поради бројните снимки од падови и фотографии од повреди на социјалните мрежи, го добија прекарот „смртоносни панталони“.
Станува збор за модел со висок струк, еластичен појас, џебови и исклучително широки ногавици. Иако во објавите често се нарекуваат ленени, „Zara“ на својата веб-страница ги опишува како лелеави панталони со широк крој, без да наведе лен во називот на производот.

Нова расправа беше отпочната и на страницата на Инстаграм – „Cocomint“, каде што жените беа повикани да ги споделат своите искуства со овој модел. Коментарите набрзо беа исполнети со приказни за сопнување, раскрвавени колена, повредени дланки и посериозни незгоди.
Проблемот, според искуствата на корисничките, не е само во должината на панталоните. Нивните ногавици се многу широки, а материјалот е лесен и подвижен, па при одење стапалото може да заврши во спротивната ногавица или да нагази на нејзиниот раб. За слични незгоди известуваат и странските медиуми, кои наведуваат дека жените се сопнувале на улица, по скали, во јавен превоз и во сопствениот дом.

Опасноста е поголема кога панталоните се предолги, се носат со високи потпетици или обувки што лесно можат да ја закачат ткаенината. Особено незгодни можат да бидат скалите, подвижните скали, влегувањето во автобус или автомобил, како и брзото одење.
Една корисничка опиша како патиката ѝ завршила во спротивната ногавица.
„Мене ми се случи левата патика да ми влезе во десната ногавица и така двете нозе ми се споија во една. Паднав како покосена. И денес имам лузна на коленото, но и понатаму ги носам, само одам побавно“.

Друга призна дека незгодата ѝ се случила на аеродром, но и покрај тоа не се откажала од популарниот модел.
„Се треснав како никогаш. Ногавицата ми се закачи за лентата за багаж на аеродромот... и повторно ги носам“.
Додека некои жени денес се шегуваат на сметка на своите падови, други предупредуваат дека последиците не се секогаш безопасни.
„Не ги носам веќе три години, откако за малку ќе паднев со бебето во раце“, напишала една мајка.

Друга корисничка навела дека нејзината мајка по пад на скали го скршила зглобот на раката, додека една жена тврдела дека поради повредата завршила на операција на зглобот. На социјалните мрежи биле објавувани и фотографии од модринки, конци, лузни и рендгенски снимки, но овие поединечни тврдења не можат независно да се потврдат.
И покрај бројните предупредувања, популарноста на панталоните не опаѓа. Многу жени признаваат дека и понатаму ги носат затоа што се удобни, лесни и едноставни за комбинирање, но сега одат побавно или претходно ги кратат.