Актерката Христина Поповиќ се појави на овогодишниот Сараевски филмски фестивал, каде што го привлече вниманието со својот изглед откако ослабела 27 килограми.
На црвениот тепих пристигна по повод светската премиера на филмот „Virus patološke dobrote“, во кој ја игра главната улога на Зорка Васиљевиќ. Филмот го режираше Предраг Личина, а премиерно беше прикажан на 19 август во програмата „Open Air“.
Поповиќ на премиерата пристигна во долг црн фустан со нагласено деколте, а изгледот го надополни со црвен кармин и едноставна шминка. На социјалните мрежи објави и детали од подготовките за настанот, по што повторно се отворија коментарите за нејзината физичка трансформација.
„Virus patološke dobrote“ е научно-фантастична сатира сместена во Загреб во 1983 година. Приказната ја следи Зорка Васиљевиќ, на која една зимска вечер во станот ѝ се појавува маж кој тврди дека со временска машина пристигнал од иднината. Покрај Поповиќ, во филмот глумат Никола Ѓуричко, Гордан Кичиќ, Тихана Лазовиќ Трифуновиќ, Горан Богдан и Раде Шербеџија.
Поповиќ претходно јавно зборуваше за тоа дека ослабела 27 килограми, иако самата се пошегува дека не сака да каже дека ги „изгубила“, туку дека ги „отпуштила“. Во разговорите за промената на исхраната рече дека исфрлила голем дел од индустриски преработената храна и производите што ги опиша како „сè што има баркод“.
Притоа нагласи дека резултатот не го постигнала со еден едноставен потег. Осврнувајќи се на советите како „само го исфрлив лебот“ или „само шетам“, порачала дека во нејзиниот случај зад промената стоела многу поголема работа и одрекување.
Поповиќ е позната и по тоа што со години се занимава со физички напорни активности. Неодамна исплива хуманитарен маратон долг четири километри на црногорскиот брег, а и претходно учествувала во спортски предизвици.

Во минатото учествувала на триатлон, а во 2018 година се искачи на Ајленд Пик на Хималаите. Самата претходно рече дека на Хималаите се искачила кога имала повеќе од 90 килограми, со што сакала да нагласи дека бројката на вагата не кажува сè за нечија физичка кондиција и способности.
Христина Поповиќ е родена на 26 март 1982 година во Белград. Со глума почнала да се занимава уште како дете, а студирала на Факултетот за драмски уметности во Белград. На пошироката публика ѝ е позната по улогите во филмовите „Parada“, „Krugovi“, „Šegrt Hlapić“, „Pored mene“ и „Posljednji Srbin u Hrvatskoj“. За улогата на Бисерка во филмот „Parada“ ја освои Златната арена за најдобра главна женска улога на Пулскиот филмски фестивал.