Популарната актерка Маргарет Кволи на лондонската премиера на филмот „Соѕвездие Куче“ (The Dog Stars) се појавила во необични потпетици од „Шанел“, кои на прв поглед повеќе потсетуваат на екстравагантни алки за глуждови отколку на чевли.
Станува збор за необичен модел од „cruise“ колекцијата на модната куќа „Шанел“ за 2027 година, зад која стои креативниот директор на брендот, Матје Блази. Чевлите неодамна беа претставени на ревија во Бијариц, а нивниот дизајн речиси целосно го открива стапалото, дури и од долната страна.

Моделот што го избрала Кволи нема класичен ѓон… или попрецизно кажано, воопшто нема ѓон. Имено, прстите, предниот дел од стапалото се целосно откриени, додека тенки црни ремчиња го држат чевелот околу глуждот.

Единствениот поцврст дел – ниската потпетица – се наоѓа на петата, па сето тоа изгледа како своевидна минималистичка конструкција меѓу сандала и чевел со потпетица.


Со овој дизајн, Блази направил интересен пресврт во однос на традиционалните чевли на „Шанел“, кои вообичаено го нагласуваат и го покриваат предниот дел од стапалото. Откако брендот со децении го правеше тоа со своите најпознати модели, овојпат фокусот го префрли на петата, додека остатокот практично исчезна.
Кволи, инаку ќерка на славната Енди Мекдауел, на црвениот килим во Лондон необичните чевли ги искомбинирала со долг црн фустан, прекриен со светки нанижани на реси.

Станува збор за модел со длабоко V-деколте, кратки ракави и впечатлив, асиметричен завршеток, а актерката оваа комбинација ја надополнила со дијамантски обетки, темен лак за нокти и долга коса пуштена да паѓа по грбот, со патец на средината.

Меѓутоа ова не е првпат актерката ова лето да носи модел на обувки кој привлекува внимание. За време на снимањето на филмот „Possession“ во Њу Џерси, таа била забележана како трча по улица во балетанки од брендот „Репето“, моделот „Анжел“, чија цена изнесува околу 470 долари.

Станува збор за чевли кои изгледаат како балетанки, но имаат повисока, широка блок-потпетица.

Инаку Кволи е долгогодишна амбасадорка на модната куќа „Шанел“, па не изненадува што токму таа го носела едниот од најексперименталните модели од новата колекција.