Еден ден по драматичната елиминација на Норвешка од Светското првенство во четвртфиналето против Англија, фудбалот падна во втор план поради ужасните пораки упатени до напаѓачот Александер Сорлот. Неговата партнерка Лена Селнес објави дел од заканите што ги добила и јавно повика да престане говорот на омраза.
Лена Селнес, која со Александер Сорлот има две деца, на „Instagram“ сподели дел од навредите и заканите што пристигнале на нејзина адреса. Меѓу нив имало и повици Сорлот да изврши самоубиство, како и барања да ја напушти Норвешка. Иако првично не сакала да им дава внимание на ваквите коментари, на крајот сепак решила јавно да реагира.

„Светското првенство носи многу радост, но и многу омраза. Не сакав да им посветувам внимание на ваквите работи, но по вакви коментари чувствувам дека морам“, напиша таа, додавајќи:
„Се надевам дека секој ќе размисли малку подобро пред да напише нешто вакво, без разлика на ситуацијата.“
Kommentarfeltet til Alexander Sørloth sin kjæreste Lena Selnes etter kampen. pic.twitter.com/fiOr4iyjxM
— 730.no (@730no) July 12, 2026
Промашувањето што претходеше на нападите
Сорлот беше стартер против Англија, а при водство на Норвешка од 1:0 имаше голема можност дополнително да ја отежни ситуацијата за Англичаните. Непосредно пред нивниот гол за израмнување, се најде во одлична шанса, но во клучниот момент направи необјаснива грешка.
Тој пропушти можност која можеше целосно да го промени текот на четвртфиналниот натпревар. Подоцна беше заменет, а Светското првенство го заврши без постигнат погодок. Сепак, беше важен дел од репрезентацијата која оствари историски успех со пласманот во четвртфиналето.






