[ВИДЕО] Целиот свет зборува за оваа снимка – дали Меси изврши притисок врз судиите?: „Обраќајте ми се со почит“

Точка

12/07/2026

14:26

1.642

Големина на фонт

а а а

Репрезентацијата на Аргентина се пласираше во полуфиналето на Светското првенство, откако во Канзас Сити, по вистинска драма и продолженија, ја совлада Швајцарија со 3:1 (1:0, 1:1).

Сепак, наместо за головите и пласманот меѓу четирите најдобри селекции во светот, целата фудбалска јавност зборува за тврдењата на Швајцарците дека Лионел Меси го искористил својот огромен авторитет за да изврши притисок врз португалскиот судија Жоао Пињеиро, по што бил исклучен Брел Емболо.

Сè започна идеално за актуелниот светски шампион. Волшебникот од Росарио уште во 10. минута со хируршки прецизно додавање од корнер го пронајде Алексис Мекалистер, кој погоди за рано водство од 1:0. Изгледаше дека Аргентина рутински ќе ја заврши работата и ќе закаже полуфинална пресметка со Англија, но потоа следуваше студен туш.

Во 67. минута, Дан Ендој го совлада Емилијано Мартинез и ги шокираше Јужноамериканците, израмнувајќи на 1:1, резултат што го однесе натпреварот во продолженија. Таму најпрво Хулијан Алварез повторно ја доведе Аргентина во водство, а конечните 3:1 ги постави Лаутаро Мартинез во самиот финиш на мечот.

Во текот на овој исклучително нервозен и тензичен натпревар, камерите забележаа момент за кој денес зборуваат социјалните мрежи. Американскиот „ESPN“ објави детална аудиоснимка од разговорот во кој капитенот на Аргентина му се приближува на португалскиот арбитер Жоао Пињеиро, откако, според снимката, судијата очигледно му се обратил со покачен тон.

„Ве молам, обраќајте ми се со почит. Немојте да не ме почитувате – јас вам ви се обраќам со максимална почит“, му возврати видно вознемирениот Меси.

Само две минути по израмнувачкиот гол на Швајцарија следуваше ситуацијата што го предизвика гневот на швајцарскиот табор. Леандро Паредес остро стартуваше врз Емболо покрај аут-линијата, а Пињеиро веднаш му покажа жолт картон.

Додека аргентинските фудбалери бурно реагираа околу судијата, се вклучи ВАР-собата, а телевизиската снимка покажа дека швајцарскиот напаѓач буквално започнал да паѓа уште пред Паредес воопшто да воспостави контакт со него. Според снимката, станувало збор за класично симулирање.

Од швајцарската репрезентација тврдат дека притисокот од Лионел Меси и целата аргентинска клупа ги натерал судиите да го применат ова строго правило, додека „Гаучосите“ го слават пласманот во полуфиналето и порачуваат дека правдата, иако пристигна подоцна, на крајот сепак била задоволена на теренот.