„Стигнавме до полуфиналето, а сè уште не го одигравме нашиот најдобар фудбал“

Точка

12/07/2026

11:49

1.285

Големина на фонт

а а а

Фудбалската репрезентација на Англија се пласираше во полуфиналето на Светското првенство, откако во Мајами по продолженија ја совлада Норвешка со 2:1, по нерешените 1:1 по регуларниот дел од натпреварот.

Капитенот на англиската репрезентација, Хари Кејн, изјави дека неговиот соиграч Џуд Белингем го променил текот на натпреварот против Норвешка и додаде дека Англија стигнала до полуфиналето на Светското првенство без сè уште да го прикаже својот најдобар фудбал.

„Тоа беше прилично изедначен натпревар кога станува збор за поседот на топката и создадените шанси, но кога во тимот имате некој како Џуд Белингем, кој може да го промени текот на натпреварот како што повторно направи денес, тоа е огромен фактор. Срцето и желбата на оваа екипа нè доведоа до победата“, изјави Кејн по натпреварот за „BBC“.

Тој се осврна и на временските услови.


„Вложивме огромен напор. Ми изгледаше потешко отколку на натпреварот во Мексико. Жештината и високата влажност навистина влијаеја врз нас. Моравме да најдеме начин, особено во второто полувреме и продолженијата. Нашата одлучност и борбеност беа пресудни“, истакна Кејн.

Запрашан за настапот на двојниот стрелец Џуд Белингем, Кејн не штедеше пофалби.

„Постојано зборувам за тие херојски моменти. Во моментов изгледа дека или јас или Џуд ги постигнуваме головите, но денес сите беа одлични. Џуд ги добива пофалбите и целосно ги заслужува. Постигна два фантастични гола во најважниот натпревар и нè одведе во полуфиналето“, рече тој.

„За да освоите кој било трофеј и да стигнете далеку на турнир, потребни ви се играчи кои ги решаваат натпреварите. Потребни ви се фудбалери подготвени да го дадат и последниот атом сила и со своите потези да го одведат тимот до целта. Џуд денес го направи токму тоа за нас“, додаде капитенот на Англија.

На Кејн во четвртата минута од судиското продолжение на првото полувреме му беше поништен гол поради офсајд.

„Мислам дека офсајдот беше навистина минимален. Во тој момент тоа ме изнервира. Исто така мислам дека требаше да добиеме пенал, кој лесно можеше да биде досуден. Но, на крајот тоа веќе не е важно. Во полуфинале сме и тоа е единственото што се брои“, изјави тој.


Англија во полуфиналето, кое ќе се игра во среда од 21 часот во Атланта, ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу бранителот на титулата Аргентина и Швајцарија.

„Гледав како тренираме и го видов квалитетот што го поседуваме, особено во последната третина од теренот. Тоа сè уште не успеавме целосно да го покажеме. Сепак, се наоѓаме во полуфиналето на Светското првенство, а сè уште не го одигравме нашиот најдобар фудбал. Ако успееме да го покажеме тоа во среда, токму тоа може да биде разликата меѓу освојувањето на титулата и поразот на овој турнир. Сега ќе уживаме во победата, ќе закрепнеме, а за неколку дена почнуваме со подготовките за новиот натпревар“, порача Хари Кејн.